Наместо по Законот за јавни набавки, околу 21 милион евра, најмногу пари од државата и локалните скопски буџети, и половина милион евра европски пари, за Скопје 2028-ма, Европска престолнина на културата, ќе ги дели 5-члена комисија за набавки, стои во предлог законот за владеачките пратеници. Комисијата ќе има претседател, и 4-ца членови, правник, економист, експерт за јавни набавки и член на посебно формирана фондација. Во предлогот законот нема прецизирано како ќе се спроведуваат набавките туку ќе има посебни правилници донесени од Фондацијата формирана од град Скопје.
„Постојниот правен и институционален систем не обезбедува целосно соодветна рамка за спроведување на реализација на проекти од ваков карактер, особено во однос на долгорочно програмско финансирање, можноста за преземање повеќегодишни обврски, привлекување меѓународни извори на финансирање, како и побрза реализација на активности поврзани со адаптација, користење и ставање во функција на простори за културни намени“, пишува во образложението на законот за Скопје – Европски град на културата 2028
Бришењето на законот за јавни набаки е предвидено со член 21 во предложениот закон, а од антикорупциската платформа на невалдини организации бурно реагираа со тврдење дека се создава преседан и привилегија за Фондацијата која треба да се грижи за проектот.
„Значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени за неговото спроведување, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција. Изземањето на еден субјект од Законот за јавните набавки со посебен закон воспоставува опасност со високи ризици од корупција која може да се повтори за секој иден проект прогласен за приоритетен“, велат од Платформа на граѓански организации за борба против корупција.
Антикорупциската комисија укажува дека треба да се обезбеди законитост во постапките и испраќа совети до пратениците кои го предлагаат и ќе го гласаат законот.
„Доколку законодавецот оцени дека е неопходно донесување на посебно законско решение за реализација на проектот, ДКСК укажува дека истото треба да ги содржи механизмите утврдени со Законот за јавните набавки кои гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност“, соопштија од ДКСК.
Спорен е и начинот на избор на телата на Фондацијата, која иако со посебен закон не е дефинирана, веќе е формирана од Град Скопје преку законите за локална самоуправа и за формирање фондации и невладини организации. Градоначалникот ги бира одборот и надзорниот одбор, а одборот го бира директорот иако тоа може да го стори и градоначалникот. Во моментот Фондацијата има овластено лице, кое го постави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во јуни. На таа позиција е Марјан Цветковски којшто беше преселен од директорската позиција во МРТВ по истечениот мандат во Фондацијата која официјално се вика ЕПК Скопје 2028. Назначувањето беше критикувано од опозицијата поради начинот на кој Цветковски го управуваше јавниот сервис и финансиите на МРТВ.
Миомир Серафиновиќ













