Граѓаните кои купиле влезница за концертот на Дејвид Гета во Скопје по повод 35 години независност, задолжително ќе треба да ја заменат влезницата за нараквица.
Авалон продукција денеска соопшти дека замената ќе се врши во Градскиот парк – „Вембли“ во Скопје, во специјално поставени куќарки, во следните термини:
4 септември: од 16:00 до 20:00 часот;
5 септември: од 12:00 до 20:00 часот;
6 септември: од 12:00 до 20:00 часот;
7 септември: од 12:00 до 20:00 часот;
При замената, посетителите задолжително треба да ја понесат влезницата, во физичка или електронска форма, како и лична карта или друг документ за идентификација на лицето кое ќе ја носи нараквицата.
Нараквицата ќе биде ставена директно на раката на лицето кое ќе присуствува на концертот. Таа не може да биде преземена од едно лице и потоа предадена на друго.
Откако ќе биде поставена, нараквицата мора да се чува до денот на концертот и не смее да се отстранува, оштетува или менува. Во случај на оштетување или отстранување, нема да биде издадена нова нараквица и нема да биде дозволен влез на концертот.
Организаторот нагласува дека единствениот услов за влез на концертот на 8 септември ќе биде посетителот да има исправна нараквица на раката. Оригиналната влезница по замената повеќе нема да може да се користи за влез, бидејќи нејзиниот баркод автоматски ќе биде блокиран.
За оние кои имаат влезница за нумерирана трибина, важно е таа да се зачува и по замената со нараквица. Влезницата ќе биде потребна за пронаоѓање и користење на резервираното место.
Информацијата дека влезниците ќе треба да се заменат со нараквици предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Граѓаните од внатрешноста реагираат дека можности за земање нараквици треба да се создадат и во другите градови, или барем тоа во Скопје да биде овозможено и на денот на самиот концерт. Тие посочуваат на, како што велат, лоша организација и координација особено бидејќи оваа информација доаѓа четири месеци по купувањето на самите билети.













