Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Серискиот убиец од Нагоричане да добие доживотен затвор, бара и обвинителството, но и татко на една од жртвите

/

Македонија

Сподели преку :

Го чистеше платото пред кумановскиот суд на само неколку минути пред да го донесат убиецот на неговата ќерка. Таткото на убиената 37-годишна Марија Маринковска не ни знаеше дека денеска баш на пладне се закажани завршните зборови во судењето за серискиот убиец од Старо Нагоричане. Додека ги завршуваше работните задачи, комбето пристигна. Не го ни крена погледот кон убиецот, но бара правда за ќерката, доживотен затвор. Наспроти него очувот на Бојковски, исто така, го чекаше неговото пристигнување и само немо гледаше во него.

„Тој призна три убиства, меѓу кои и на Марија, четвртото не. Очекувам правда, ќе видиме“, рече таткото на убиената Марија Маринковска.

Во судницата, обвинителот Љубомир Лапе побара доживотна пресуда за Бојковски кој е обвинет дека убил четири жени, а се обидел да убие уште две. Навидум бил мирен овчар во Нагоричане, но во исто време и предатор. Ги демнел, ги бирал оние кои живеат сами, најчесто стари и изнемоштени, ги давел до смрт, па ги силувал.

Некрофилија е најсилниот мотив за сите, остана на обвинението Лапе. За разлика од него, адвокатот негираше дека мотивот е задоволување на полови страсти кон мртви жени, негираше дека обвинителот го докажал обвинението и побара пониска казна.

„Сите околности се на товар на обвинетиот од причина што сметам дека буквално сите се отежнителни околности. Јас се трудев да најдам олеснителни околности. Единствено ќе беше доколку дадеше искрено признание и каење, меѓутоа бевте сведоци дека такво нешто отсуствуваше, а од друга страна и самите психијатри кажаа дека кога изјавувал дека се кае, тоа е само манипулација“, порача обвинителот Лапе.

„Факт е дека призна три кривични дела убиство, но рече дека се кае за стореното. За тоа го молам судот при изрекување на кривична санкција да ги има пред вид овие околности и ветувањето дека во иднина нема да стори ново кривично дело, дека не е осудуван и дека се работи за млада личност“, истакна Тони Цветковски, адвокат на обвинетиот Бојковски. 

Бојковски на минатото рочиште призна три убиства во кумановските села, додека за четвртото на Станче Каровска рече дека не го сторил. Таа е првата жртва за која се товари, беше ексхумирана после повеќе од 15 месеци од убиството и само кај неа не беа најдени ДНК траги од него.

„Од сите докази кои што се докази на обвинителството, јас се докажа дека и тоа убиство е сторено од негова страна. Така што не се сомневаме дека судот правилно ќе ги цени доказите на обвинителството и ќе донесе една правилна одлука која што ќе биде за добро на општеството и кое што ќе влијае на неговата превенција“, рече Драгана Илиевска Тодоровиќ, адвокатка на оштетените.

Обвинетиот за сериски убиства од некрофилски причини делувал повеќе од една година, а беше откриен откако ја уби својата последна жртва за која беше побарана обдукција. Претходно ниту полицијата, ниту докторите кои требало да се посомневаат, не пријавиле во обвинителство, па жртвите се ределе. Сега нивните блиски очекуваат да ја слушнат пресудата во петок. Но, очекуваат и одговори кој не ја препозна и пријави суровата вистина за нивните блиски.

Билјана Николовска Тодорова

Jumbo 2