Пожарот кој од косовска страна влезе во Македонија е во фокусот на надлежните служби кои се обидуваат по секоја цена, што е можно побрзо, да го локализираат и стават под контрола. Од утрово врз него се дејствува од земја и од воздух, гаснат и армискиот и полициските хеликоптери, како и Ер тракторите, а дел од воздухопловите, во претходен договор на надлежните, имаа налети и од косовската страна.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопштија дека силниот мирис на чад кој се чувствуваше синоќа низ речиси сите скопски населби и општини е токму од овој пожар.
„Овој пожар пред три дена од косовска страна навлезе на македонска страна. Врз него дејствуваме и од воздух и од земја, но, за жал, сè уште е активен. Рано утрово врз овој пожар со дејство продолжија скопските пожарникари, засилени со неколку огнени тимови од Дирекцијата за заштита и спасување со пинцгори. Тие работат по огнената линија, обидувајќи се истата да ја намалат. Од воздух поддршка даваат еден армиски хеликоптер, еден полициски хеликоптер, како и два „Ер трактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Во овој момент слободно можам да кажам дека двете села, Грачани и Гигиштана, не се загрозени“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Сериозен пожар има на границата меѓу општините Струга и Дебар, кај селата Буринец, Локов и Селци, каде гори нискостеблеста шума. Од ДЗС најавија дека попладне таму ќе бидат испратени два „Ер трактора“ кои треба да им помогнат на струшките и дебарските пожарникари на терен.
За жал, криминалците и пироманите не мируваат, па вчера повторно е подметнат пожар на планината Китка, каде веќе 20-тина дена скопските пожарникари, заедно со тимовите на ДЗС и „Национални шуми“ се борат да го спречат ширењето на огнот кон квалитетната шума во внатрешноста на планината.
„Во текот на вчерашниот ден повторно беа намерно подметнати и запалени два пожара на Китка. Еден на територијата на Општина Студеничани, еден на територијата на Општина Зелениково. Благодарение на храбрата и пожртвувана работа на скопските пожарникари, овие пожари се изгаснати. Да укажам дека ваквото палење на пожари на територијата на Град Скопје ги расфрла нашите сили и ние не може да ги концентрираме нашите сили на големиот пожар кој избувна на косовска страна“, додаде Ангелов.
И покрај дождот кој завчера вечер врнеше на поголемиот дел од територијата на Македонија, вчера повторно имаше 31 пожар на отворен простор. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека активни пожари има во струшко Октиси, каде гори депонија, како и скопско Бојане, а под контрола се пожарите на Скопска црна Гора и кај селото Копаница во близина на Скопје.
Огнен Чанчаревиќ













