„Недели по ред противречни изјави на Мицкоски, Клековски, Тошковски, Ангелов и други за состојбата со водата во Гостивар. Прво – никој не реагираше на анализите и дозволија цел град да се отруе. Потоа Мицкоски објави дека водата е „технички исправна“ и дека луѓето можат да ја користат. Ниту едно стручно лице. Ниту еден документ. Ниту една анализа. Ниту една институција што тоа го потврдува. Само изјава на Мицкоски. Во меѓувреме, Тошковски најавуваше дополнителни хиперхлорирања. Потоа министерот Клековски изјави дека во водата има бактерии“, стои во соопштението објавено од СДСМ.
Потсетуваат дека Тошковски во исто време тврдел дека може да се користи за капење и како техничка вода, додека повторно се прави хиперхлорирање – процес во кој водата е забранета за употреба. Потоа Клековски повторно рече дека водата е технички исправна. Ангелов изјави дека не е. На крај Клековски објави дека дури на 20 август ќе ги има првите резултати дали водата е исправна за пиење. Шест дена порано, на 14 август – еден ден пред враќањето на Мицкоски од „научната“ екскурзија – водата беше пуштена со здравица од полицаецот Ангелов и коментар дека е „вкусна“.
Така изгледа управувањето со криза според Мицкоски и оваа власт, велат од опозицијата.













