СДСМ реагира на начинот на кој премиерот Христијан Мицкоски ја претставува посетата на САД, оценувајќи дека неформалниот разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио во ходник не може да се претставува како официјална средба на високо политичко ниво.
Од СДСМ велат дека како најголем резултат од посетата се претставува грант од пет милиони долари за развој на антимон кај Крстов Дол, Луке и Крива Паланка, додека разговорот со Рубио, според партијата, е претставен како средба на „ултра високо политичко ниво“.
„Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови“, велат од СДСМ, критикувајќи го протоколот и начинот на кој е претставена средбата.
„Еве како нè претставува самопрогласената елита.Како во кафеана. Додека сопствениот народ го нарекува талог, елитата баш се покажа. На ниво“, пишуваат од партијата.
Од опозициската партија оценуваат дека посетата на Мицкоски во САД повеќе личи на „екскурзија“ отколку на сериозна дипломатска активност и прашуваат дали за разговорот со Рубио постои официјална агенда, заедничко соопштение од Стејт департментот или потпишан документ.
Партијата реагира и на составот и трошоците на делегацијата што го придружува премиерот во САД, како и на начинот на кој, според нив, власта ја претставува посетата пред јавноста.
Во однос на најавениот грант од пет милиони долари, од СДСМ поставуваат прашања за економските и еколошките ефекти од ископувањето на антимон во регионот на Крива Паланка. Според партијата, антимонот е метал што се користи, меѓу другото, во воената индустрија, а неговото ископување, преработка и складирање на отпадот отвора прашања за влијанието врз почвата, водата и воздухот.
СДСМ го споредува овој износ со средствата што, според нив, биле потрошени за прославата по повод независноста, наведувајќи дека за настапот биле издвоени 5,53 милиони евра од средства поврзани со Државната лотарија.
„За настап на прослава фрлија 5,53 милиони евра народни пари, а премиерот се враќа од Америка со пет милиони долари за рудник“, велат од СДСМ.













