Тинејџерите добија слаби оценки во читање и решавање на математички задачи, – покажува последното тестирање на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) и имаат помалку знаење од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области – математика, читање и наука, како и во делот за решавање компјутерски проблеми.
Во делот на математиката само 32 отсто од учениците во Македонија достигнале барем основно ниво на познавање. Просекот на ОЕЦД изнесува 65 проценти.Околу 1 процент постигнале ниво 5 или 6 на тестот за математика.
Кај наука, околу 36 проценти од учениците во земјава ги совладале основните концепти, но, во оваа област ниту еден ученик не се искачил на највисоките нивоа 5 или 6.
Околу 26 проценти постигнале ниво 2 или повисоко во читање, но, нити еден од тестираните ученици не ги достигнал највисоките нивоа.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека тестирањето било направено шест месеци откако тие дошле на власт и вината за слабите резултати ја префрли на претходната власт. Според неа резултатите од реформата која во моментов се спроведува ќе бидат видливи за 10 години.
„За жал, резултатите на ПИСА се повторно многу лоши, но сакам да потенцирам дека ова се резултати од реформите што се претходно направени. Ние на власт дојдовме во 2024 година, само шест месеци потоа во 2025 се направени овие тестирања. За жал 2001 сме имале подобри резултати а најдобри во 2018 што анализата покажува дека е резултат на реформата Кембриџ, резултатите од оваа реформа, која во моментот се прави ќе ја видиме тогаш кога овие ученици ќе направат 15 години, значи за девет-десет години“, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.













