Посетата на Македонија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во претстојните две до три недели може да биде чекорот кој ќе го помести закочениот пристапен евроинтегративен процес на земјава. Ова е одговорот на евроамбасадорот, Михалис Рокас, за тоа дали и кога може да се очекува Македонија да ги стартува преговорите со ЕУ.
- „Во изминатите месеци сите кажуваа дека работиме напорно да го постигнеме тоа. Сега се подготвуваме за регионалната посета на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на Западниот Балкан во идните две до три недели и се надевам дека оваа посета ќе биде нов одлучувачки чекор кон отворање на пристапните преговори со земјата“, изјави Рокас.
Рокас директно не одговори дали устави измени со одложено дејство можат да бидат дел од планот за деблокадата на процесот, велејќи дека се работи на придвижување на процесот.
- „Не можам ништо да споделам со јавноста. Работиме напорно во таа насока. Всушност работиме на тоа од како сум дојден во земјата пред две години“, рече Рокас.
Ниту Рокас, ниту премиерот Христијан Мицкоски денеска не сакаа да ја коментираат иницијативата во бугарското собрание на пратеникот и лидер на парија „Преродба“, Костадин Костадинов, македонскиот јазик да се третира како дијалект на бугарскиот јазик. Рокас рече дека не сака да коментира изјави на политичари или пратеници од земји-членки на Унијата, додека премиерот Христијан Мицкоски за изјавата на Костадинов рече дека припаѓа на политичката естрада и единствена цел и е да предизвика реакција од другата страна. Според него, поважно е Македонија да се фокусира на тоа што е од нејзин интерес – одглавување на процесот и експресно завршување на преговорите и станување земја-членка на ЕУ.
Тамара Грнчароска













