Додека родители во повеќе села со протести се борат против затворање на улилишта-министерката за образование, Весна Јаневска тврди дека училиштата со по неколку ученици од комбинирани одделенија не се добри за децата и го повтори ставот- каде што нема доволен број ученици тие треба да се затворат.
„Ако мора и е неопходно ќе учат во комбинирана паралелка, но тоа во случај ако селото се наоѓа на 30, 40 или 50 километри одалечено од другото најблиско училиште. Но ако истите се на само два или три километри тогаш децата треба да се социјализираат, да стекнат други видици, кај нив да се побуди мотивација за учење, за достигнување, да сакаат да чујат различни мислења па дури и да видат друг различен објект“, изјави денеска ресорната министерка, Јаневска.
Вчера родители на учениците од прво до петто одделение во Долни Балван, општина Карбинци протестираа откако дознаа дека нивното село ќе остане без школо. Со процес наречен оптимизација, 13 деца од Долни Балван ќе треба да патуваат на часови во соседното Таринци. Оправдувањето на надлежните е дека нема законски основи за комбинирана паралелка, а училиштето во Долни Балван има лоши услови.
Родителите се против училишно патување и стравуваат за безбедноста на своите деца, но Јаневска бара тие да не пружаат отпор и дека процесот ќе биде внимателен.
„Насилно ништо не правиме. Сѐ ќе оди во договор со општините. Министерството за образование само дава предлог, а на крајот одлуката ја носиме заедно со родителите“, додаде Јаневска.
Намалувањето на бројот на ученици не се должи само на падот на наталитетот, туку и на иселувањето. Податоците покажуваат дека пред шест години се родиле околу 2.000 деца повеќе отколку што лани имало првачиња.
Дел од децата, до почетокот на своето основно образование, веќе со семејствата се иселиле во странство.
Поради намалениот број на ученици, секоја година се затвораат по десетина подрачни училишта во руралните средини. Годинава, според најавите, ќе престанат да работат уште 16 подрачни училишта, иако во одговорот до Телма, Министерството не го посочи школото во Долни Балван.
Тамара Марковска













