Расте револтот кај жителите на Дебреше, селото после чиј протест беа поставени пумпите кои го загадија гостварскиот водовод. На 19 јуни го прекинаа протестот пред општинската зграда со ветување дека ќе добијат вода во селото но од тогаш ништо. Денеска испратија писмо до Градоначалникот Валбон Лимани и Комуналното претпријатие со закана дека се што добиле како ветување јавно ќе објават ако не добијат одговори на нивните прашања во рок од 24 часа.
„Свесни сме за кризата со загадувањето на водата во Гостивар. Но тоа не смее да биде причина ветувањата дадени кон жителите на Дебреше целосно да се заборават.
Во која фаза се наоѓа проектот за Дебреше?
Зошто не беше испочитуван рокот 15 јули?
Кога точно ќе биде воспоставено редовно водоснабдување?
Кој е одговорен за доцнењето“, прашуваат жителите на Дебреше
Телма разговараше со дел од жителите кои тврдат дека снемало вода во нивните чешми пред повеќе од два месеци. Се сомневаат дека причина за тоа била интервенцијата која комуналното претпријатие ја извршило во мај на главната водоводна цевка и тоа за потребите на автопатот на Бехтел и Енка. По ова и жител од селото, вреботен во Комуналец но додека користел годишен одмор, влегол во системот за да го зголеми притисокот на вода и починал.
„Тие од автопатот ја користат водата, тие големите фирми може имаат платено да им се дава да работат – не е во ред ако тоа го правеле зашто луѓето немаат да пијат, немаат да куваат вода, мора да одат да купат“, вели Адем Сулејмани Жител на Дебреше.
Телма веќе пишуваше за сите околности кои му претходеа на поставувањето на трите цевки кои требало да го подобрат притисокот на водата во цел Гостивар но ја загадија. Во мај било интервенирано за автопатот кој го гради конзорциумот Бехтел и Енка и преместена главната цевка. Од фирмата одговори нема, додека од Јавното претпријатие државни патишта одговорија дека цевката му сметала на столбот кој се градел.
„Дислокацијата на главната водоводна линија беше неопходна бидејќи постојната водоводна линија (Ø500 mm) поминуваше директно низ столбот на мостот на км 5 од трасата на Коридор 8“, велат од ЈПДП
За водоводот во Гостивар се потрошени 7,2 милиони евра, најголем дел швајцарска донација, но луѓе од претпријатието за Телма тврдеа дека тој не е целосно изграден. По ова ЈПДП и комуналното претпријатие си ја префрлаа вината, а јавноста дозна дека проблем биле 16 илјади денари кое комуналното ги должи на ЈПДП. Обвинителството отвори истрага но од таму нема информации што до сега е сторено. Сега молчат и од општината и од Комуналец, за реакцијата на Дебрешани.
Билјана Николовска













