Работната група за именување и преименување на улиците во Тетово ја зголеми листата со имиња. Откако на седница во јули беше утврдена листа со 74 имиња на улици, во текот на овој месец има утврдено 145 нови. Повторно реагираше Сојузот на борци и граѓани продолжувачи од Тетово кои изразија револт, загриженост и осуда.
Зголемената листа со над 200 називи со кои би се преименувале улиците или некои би добиле име наместо бројка, од претседателот на Работната група беше оценет како голем чекор кон конечно решение. Според него, веќе има динамика на работа со цел ова прашање да биде финализирано што е можно поскоро.
„Новите имиња ја одразуваат реалноста и историјата на Тетово, како и на етничките заедници кои живеат во нашиот град. Продолжуваме посветено да работиме на решавање на повеќегодишниот проблем со имињата на улиците. Наскоро ќе го заокружиме овој процес со целосно, сеопфатно и институционално одржливо решение“, изјави Алби Ќамили.
Од Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи од Тетово изразија револт, загриженост и осуда.
„Ова е само продолжение и дрзок обид за рехабилитирање на фашисти, албански милитанти и иредентисти, за наметнување на брутална албанизација на градот со Албанци кои немаат врска со градот Тетово, веројатно најголем дел од нив никогаш и не го посетиле или такви чии биографии апсолутно никогаш и никаде во светот не би се сметале за доволни за ваков облик на изразување највисока општествена чест, како именување на улица со нивното име“, реагираат од Сојузот на борци.
За пример го посочуваат Фадил Сулејмани, поранешен ректор на Универзитетот во Тетово, за кого велат дека имал антимакедонски ставови, посочувајќи интервју во 2000 година за бугарски медиум кога рекол дека Македонците за Бугари, а Македонија е вештачка држава.
„Погоре наведеното го прави предлогот Фадил Сулејмани да добие улица со негово име спротивен на член 6 од Законот, бидејќи со истото се навредуваат чувствата на граѓаните, се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал. Да именувате улица со име на човек кој го негира постоењето на државата и посебноста на народот е чин против државата, без преседан во светот“, додаваат од Сојузот на борци.
Кога ќе се формира конечниот список со имиња, треба да добие одобрение од Советот како и од Владата.
Со одлука на Совет на Општина Тетово во 2007 година се преименуваат 10-тина улици кои важеа само на локално ниво. Над 20 години Владата немаше дадено согласност и државните документи се издаваа со старите имиња. Годинава и Уставниот суд ја поништи таа одлука на Општина Тетово од 2007 година.
Александар Самарџиев













