Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пучисти и одработувачи во служба на Мицкоски – Филипче и СДСМ жестоко возвратија на поранешните сопартијци

/

Македонија

Сподели преку :

Мала група пучисти во служба на Мицкоски. Вака претседателот на СДСМ Венко Филипче ја оцени платформата „Разговори за иднината во 12 и 5“, формирана од поранешни високи функционери на партијата, кои бараат оставка од Филипче за партијата да се консолидира и да може да победи на наредните избори.

На вчерашната дебата на платформата учествуваа и претставници на Левица, ЛДП и Српската странка во Македонија.

Според Филипче, сите тие, по налог на Мицкоски, работат на ослабнување на СДСМ и дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми – дата центри, рудници, задолжување, минимална плата, пензии… Се појавуваат токму сега, кога рејтингот на власта паѓа, а рејтингот на СДСМ полека, но сигурно, расте.

Се среќаваат и седат на маса со Левица, партијата којашто отворено соработува со Русија и со Кина. Тоа ли сакаат? Тоа ли се нивните принципи и вредносни политики? Оваа партија дала заменик генерален секретар на НАТО, а тие седат со луѓето коишто во Собранието држеа транспарент дека НАТО е убиец. Тоа држеше Левица во Собранието. Еве што викаа: НАТО убива за профит, вели Филипче.

Платформата вчера најави дека следната недела пред Филипче ќе претстават план за консолидација и окрупнување на опозицискиот фронт.

Ќе ми даделе предлог што ние да правиме. Па јас знам што пишува таму, затоа што е напишано во Белата палата и едитирано од Латас, вели Филипче.

На забелешката дека зад него, освен една пратеничка, ја нема пратеничката група на СДСМ, Филипче вели дека постојано е во координација со пратениците со кои заеднички работат.

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ реагира дека Филипче не е претседател на членството СДСМ туку претседател на фиктивни картички за гласање, а тоа го покажа и прес-конференцијата на која зад него застана само половина раководство. Со Левица имаме многу разлики, но сме согласни дека „на ти – дај ми“ тандемот Мицкоски – Филипче мора да биде поразен, реагира платформата.

Со хистеријата која упорно се обидува да ја наметне Венко Филипче, тој свесно ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ затоа што е уценет и мора да одработи во полза на ВМРО – ДПМНЕ, реагира платформата.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со критики за денешната-прес-конференција на Филипче, а премиерот Христијан Мицкоски синоќа рече дека Платформата ја пропуштила можноста да остави позитивен прв впечаток, бидејќи ги потценува граѓаните, со тоа што тврди дека гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што немаат друг избор.

Одговарајќи на новинарско прашање за оценките на Филипче дека членовите на платформата се платени од власта и работат за Мицкоски, премиерот рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на опозициската партија.

Срѓан Стојанчов

Jumbo 2