Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Прворангираната за член на Судски совет го фалела премиерот на Икс, второрангираниот бил адвокат на партиски членови

/

Македонија

Сподели преку :

И двајцата напишале дека политички не се активни, но и двајцата имале активности на социјалните мрежи блиски со владеачката ВМРО-ДПМНЕ. На кандидатите за член на Судски совет, Емилија Алексовска и Џоко Диков уште заедничко им е што и двајцата се адвокати – првата од Куманово, вториот од Струмица, но и заедно го поминаа претпоследниот чекор за избор во судскиот совет.

Денеска Комисијата за избори и именување ги предложи, а само еден од нив ќе може да биде избран на пленарна седница. За разлика од вчера, кога на интервјуата опозициските пратеници разоткрија дел од нивните активности на социјалните мрежи, денеска, без дебата со седум гласови „за“ и ниту еден против беа изгласани како предлози.

Единствено писмена реакција пристигна од Ивана Петковска која беше дел од преставниците на невладиниот сектор кој учествува во бодувањето на кандидатите.  

„Од вчерашното интервју со кандидатите за член на Судскиот совет, впечаток е дека двајцата кандидати, а особено кандидатката, која има повисоки бодови на ранг листата, не понуди доволно конкретни и аргументирани одговори со кои би ја потврдила својата подготвеност за да биде член на Судскиот совет. Кандидатката на повеќето прашања одговараше делумно или ги избегнуваше суштинските аспекти, особено во однос на нејзините јавни коментари на објави на политички функционери и прашањата за нејзиниот интегритет“, изјави Ивана Петковска, член на комисија за селекција.

Инаку, Емилија Алексовска, според бодувањето, е само пет просечни бодови понапред од Џоко Диков. Сто од можни 100 доби од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски кој е и претседател на изборната комисија. Само пет помалку ѝ даде преставничката на судиите, судијката Сања Лазова Стојанова од скопскиот Кривичен суд и 90 доби од пратеничката на Вреди, Ваљбона Адили Емини. Половина од овие бодови од истите членови ги доби второрангираниот кандидат Диков.

Инаку, ова е четврти обид за да се пополни испразнетото место во Судскиот совет. Пропаднаа три огласи меѓу кои кога беше предложен полициски инспектор, па кога кандидатот сокри дека е разрешен судија, а третиот пат собранието, наместо да бира член, распиша нов оглас.

Со измените во законот, изборот е јавен и освен пратеници гласаат и претставници на здруженија на граѓани. Советот ја контролира работата на судиите во земјава.

Билјана Николовска Тодорова

Jumbo 2