Силни емоции во Приштина по изрекувањето на пресудата за поранешниот претседател на Косово и еден од водачите на ОВК, Хашим Тачи. Додека во Хаг се читаше одлуката, насобрани граѓани следеа директен пренос на голем екран и го скандираа неговото име. Дел од присутните не можеа да ги задржат солзите откако слушнаа за висината на казната.
„Денес сме дојдени тука да ја поддржиме ОВК, нашите команданти и нашите ослободители. Тие не се виновни, тие се невини“, вели еден од анкетираните луѓе во Косово.
„Длабоко сме огорчени од пресудата што им беше изречена. Знаеме дека тие се невини и дека народот на Косово не ги осудил. Ги осудија Србија и нејзините соработници — оние што уште одамна ги смислиле и ги конструирале сите овие работи, пред да ги испратат во Хаг. Никој од нив никогаш не мачел никого — а најмалку деца. Во тоа сме апсолутно сигурни и им веруваме. И понатаму стоиме со нив, нека зборуваат другите што сакаат — народот не ги осудил“, додава уште една од анкетираните граѓани.
По изрекувањето на пресудите следуваа немири и во Приштина и во Хаг. Во Приштина, поголема група демонстранти се упати кон зградата на ЕУЛЕКС. Косовската полиција постави кордон пред објектот и спречи дел од демонстрантите да влезат, а околу зградата беа распоредени дополнителни полициски сили. Според локални медиуми, дошло и до судир меѓу демонстрантите и полицијата.
Следуваа низа реакции. Политичките лидери од Косово пресудата ја коментираа како неправедна, изразија разочарување, но и поддршка за Тачи и останатите обвинети, со пораки дека правната битка продолжува.
Премиерот на Косово, Курти, вели „ова е неприфатлива неправда, одлуката мора да биде променета“. Смета дека пресудата не ја одразува волјата на народот на Косово.
Поранешниот премиер и лидер на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, пресудата ја оцени како неправедна и повика на жалба.
Во соседна Србија, потпретседателот на Владата, Ивица Дачиќ, денеска оцени дека осудителната пресуда за поранешните лидери на ОВК, претставува „јасна, иако задоцнета потврда“ за нивната одговорност за злосторствата извршени во Косово. Реагираа и граѓаните во Србија, по информациите за пресудата за Тачи.
„Мислам дека тоа е малку. Требаше доживотно“, вели еден од анкетираните во Србија.
„Претпоставувам дека не е доволно со оглед на тоа што го има направено. Но, во секој случај и тоа значи барем нешто за српскиот народ“, додава друг.
Во Македонија, меѓу првите со реакција се јави лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети. Пресудата против Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, лидерот на интегративците ја смета за неправедна и длабоко разочарувачка. Повика и на воздржаност и единство.
„Во овие тешки моменти повикувам на воздржаност и единство. Не смееме да паднеме во ниту една стапица чија цел е да создаде тензии, поделби или да ја оцрни ослободителната војна на народот на Косово. Веруваме дека и овие обвиненија ќе бидат отфрлени во понатамошната судска постапка, исто како што не се потврдија ниту поранешните тврдења за трговија со органи. Процесот не завршува тука. Веруваме дека одбраната ќе ја продолжи правната битка пред Апелациониот суд, оспорувајќи ги наодите на првостепениот суд и барајќи правда до самиот крај“, вели Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Од владиниот коалициски партнер Вреди велат дека казните се превисоки и дека одлуката не ја доведува во прашање, како што наведуваат, историската улога на ОВК. Партијата најави поддршка за семејствата на осудените.
Петар Догов













