„Денешната одлука во врска со Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими ја сметам за неправедна и длабоко разочарувачка.
Во овие тешки моменти, повикувам на воздржаност и единство. Не смееме да паднеме во каква било замка чија цел е создавање тензии или поделби, или пак нарушување на угледот на ослободителната борба на народот на Косово“, напиша претседателот на ДУИ Али Ахмети на Фејсбук, откако Судот во Хаг ги осуди водачите на ОВК на затворска казна од над 80 години.
Ахмети понатаму пишува дека ОВК настанала како одговор на угнетувањето и се бореше за слободата на Косово и дека денеска Судот „ ги ослободи обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото и нагласи дека целта на ОВК била независноста на Косово – цел што навистина беше постигната“. Ова се факти што мора да се имаат предвид секогаш кога некој ќе се обиде да ја прикаже ОВК како криминална организација.
„Претходните обвинувања за трговија со органи – кои со години тежеа врз ОВК и нејзините лидери – не резултираа со обвиненија во оваа постапка. Во обвинението, Тачи, Красниќи, Весели и Селими се товарат за низа наводни злосторства извршени во текот на 1998 и 1999 година. Веруваме дека и овие преостанати обвиненија ќе бидат отфрлени како што ќе напредува судскиот процес, исто како што претходните обвинувања за трговија со органи не се потврдија. Процесот не завршува овде“, напиша Ахмети и додаде дека очекува одбраната на водачите на ОВК, да поднесе жалба на пресудата.













