Секојдневното патување станува прескапо. Граѓаните се доведуваат пред избор – да плаќаат илјадници денари секој месец или да се преселат таму каде што работат или студираат. Наместо досегашните 5.500 денари, месечен билет на релација Тетово – Скопје чини 6.500 денари или 25% од мининалната плата. Во различни сектори постојат механизми за надомест на превозот до и од работа, но тие не се еднакво уредени за сите работници. Особено се погодени семејствата каде патуваат повеќе членови, велат граѓаните во писмото и онлајн петицијата.
„Па, за нашиот стандард, да, зголемени се цените, според платите и според се. Мислам треба да се прилагоди, според платите да бидат и цените, нели. Железничката исто може да се направи“, смета тетовка.
Онлајн петицијата има барања до надлежните институции и властите. Се бара да се преиспита последното зголемување на цените на меѓуградскиот превоз и јавно да се објасни неговата оправданост. Целта е да овозможи човек да може да живее во својот град, а да работи или студира во друг, без превозот да биде пречка.
„Да обезбедат функционален и достапен јавен меѓуградски превоз, вклучително и можност за субвенционирани и семејни билети. Да се преиспита и усогласи системот на надомест на патните трошоци, такашто реалниот трошок за патување до и од работното место ќе биде соодветно надоместен“, се наведува во Петицијата за фер цени на меѓуградсакиот превоз.
Иако Тетово е меѓу ретките места што има железничко поврзување со двата соседни градови, скоро шест години нема возови кон Скопје и кон Гостивар. Причината е дотраената инфраструктура – возниот парк и железничката пруга. Со тоа, граѓаните немаат можност за поевтин меѓуградски превоз, како што е железничкиот сообраќај. Не се ни знае кога возот би можел да биде алтернатива на поскапите начини на патување.
„Прво почнуваме проектирање за линија којашто треба да оди Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар прва фаза, втора фаза Гостивар – Кичево. Така што таму, како што кажав сега, работиме на проектирање заедно со Европската Унија. Не можеме сите проблеми да ги решиме во година или во две, ќе земе тоа некоја година, се работи за проект само до Гостивар којшто ќе чини некаде околу 350 милиони евра. Се работи за огромни средства коишто и треба да се обезбедат, но еве работиме и ништо не сме заборавиле и ништо не сме оставиле“, нагласи Александар Николовски, министер за транспорт.
Граѓаните потсетуваа дека пратениците кои живеат надвор од Скопје имаат законски утврдени механизми за надомест на патни трошоци кои достигнуваат суми од десетици милиони денари, со прашање дали постои доволно правичен систем и за работниците кои секојдневно патуваат меѓу градовите.
Александар Самарџиев













