Предвремено изборно соочување или мандат до крај со фокус на реформите и евроинтеграциите?!Партиите се на крстопат и со спротивставени ставови. Власта посакува следните избори да бидат редовни, но велат нема да бегаат од предвремени парламентарни ако опозицијата побара. Од СДСМ се на став дека премиерот Мицкоски бара избори поради празниот буџет, додека власта зад себе остава нула резултати и милионски долгови.
„Очигледно е дека единствениот параметар што него го тера да бара избори е тоа што повеќе нема пари во буџетот за неговите криминални тендери. Сега нема ни од каде да се задолжува така лесно, затоа што неговиот ментор Орбан веќе не е на власт, нема од каде да зема кинески пари. Не се изолираме. Напротив, ние сме лидери во рамките на движењето и фронтот за вистина и правда. Не се изолираме. И избори ќе има, ќе се соочиме на изборите кога и да бидат, дали догодина или за две години“, порача Венко Филипче, претседател на СДСМ.
По пораките за можни предвремени избори, од ДУИ уште веднаш се јавија со реакција дека дојде време за промени и побараа да се распушти собранието. И од Левица порачаа дека се подготвени за избори и ја прифаќаат идејата, по што повикаа и на обединување за општествени промени. Лидерот на СДСМ денеска возврати дека обединувањето на опозицијата може да биде само околу јасни проевропски политики, а за тоа ги прозва Левица да се откажат од проруските политики. Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ прстот го вперуваат токму во лидерот на СДСМ, со обвинување дека бега од избори.
„Единствен човек во државата кој не сака избори и бега од нив е Венко Филипче и талогот од СДС. Од месечината се гледа дека јасно му е и на него и на талогот, каков дебакл ќе доживеат и како ќе бидат поразени од граѓаните“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
За дел од политичките аналитичари е јасно дека владата ќе се обиде да го истера мандатот до крај. Во таков политички амбиент, неизвесна останува и динамиката околу уставните измени за кои се очекува преговорите да продолжат и во наредниот период.
„Опозицијата секогаш треба да бара избори, во секој момент, бидејќи секогаш се обидува тоа да го искористи за да има подобар резултат на следните парламентарни. Во оваа ситуација малку е нејасно, бидејќи дел од опозиционите политички партии сакаат да има предвремени парламентарни избори, а ред други политички партии не сакаат. И тоа исто е и во власта. ВЛЕН не се спремни за предвремени парламентарни избори, додека ВМРО-ДПМНЕ секогаш ги бара истите, бидејќи таа е спремна. Јас мислам дека во многу брзо време не ќе може да се решат уставните измени, така што и владата не би ризикувала во краен период да ги прави тие уставни измени, а особено не под бугарски диктат“, смета политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи.
Предвремените парламентарни избори повторно се актуелизираа како политичко прашање, откако премиерот пред неколку месеци најави дека „многу скоро“ ќе има избори. Но, не посочи конкретен термин.
Петар Догов













