Советот што премиерот го добил од претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен – деблокадата на проблемот со Бугарија да почне со директна билатерална средба – за Социјалдемократите е сериозен и загрижувачки.
„На неговото барање да најдеме посредник во Европската Унија за нашата, за неговата автоблокада на европскиот пат, Урсула фон дер Лајен му посочи „Ако се инаетиш и ако си тврдоглав, со други зборови, одете и разговарајте со соседна Бугарија. Тогаш кога не постапувате по она што е договорено од 27 држави членки, а што го викаме преговарачка рамка, каде што точно е утврден нашиот идентитет и точно се утврдени чекорите што треба да ги исполниме за да направиме исчекор во процесот, ќе добиете од Европската Унија наместо европеизација на процесот, негова билатеризација“, изјави Фани Каранфилова Пановска, заменик-претседателка на СДСМ.
Нејзината изјава, пак, дека ЕУ ќе ѝ посака на Македонија добредојде со нејзиниот јазик и идентитет, ја толкуваат како потврда на нивната политика и потези додека беа на власт и побивање на аргументите на премиерот дека е загрозен идентитетот.
За Левица, и оваа посета е веќе видено сценарио.
„Денешната прес-конференција уште еднаш покажа дека целото вазалско однесување на македонските власти не ја донесе Македонија ниту чекор поблиску до ЕУ. Условувани сме со Преспанскиот договор, НАТО, поддршката кон Украина. Овие три работи беа први спомнати во говорот на Урсула. Секое нејзино доаѓање се сведува на истиот говор: дека сме послушни, но ни фали уште еден чекор за да бидеме на масата за преговори за ЕУ“, коментираат од оваа партија.
За Алијанса на Албанците, пак, „по денешната посета повеќе нема простор за ново губење време, мора да се искористи моментот и земјата да продолжи напред“.
„Дијалогот мора да продолжи, отворените прашања мора да се решаваат, а преземените обврски треба да се третираат со политичка и институционална одговорност. Позитивно е што дијалогот со соседните земји продолжува, но мора да произведе резултати, а не нов циклус на чекање. Граѓаните на оваа земја чекаа доволно. Ако по деблокирањето нè очекува јасен акциски план и нова фаза од преговорите, тогаш приоритет треба да биде токму деблокирањето на процесот“, се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците.
Првиот потег кон билатерална средба е најавен веќе од следната недела.
Далиборка Демјанска Цветановска













