Заклучно со 30 јули, во државата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска. 12 се од Скопје и 1 од Велес.
Епидемиолозите со апел до граѓаните да ги почитуваат мерките за лична заштита, да избегнуваат да излегуваат надвор кога комарците се најактивни, да се користат репеленти и при првите евентуални симптоми веднаш да се јават на лекар.
„Од случаите коишто се регистрирани во Скопје шест се со место на живеење во Драчево, по двајца од Аеродром и Гази Баба и по еден имаме од Илинден и Сопиште. Тоа е во однос на местото на живеење, секако дека комарците не стојат на едно место, секако дека и луѓето не стојат на едно место, но потенцијалното место го земаме во просторот каде што тие живеат. Оние мерки коишто се преземени се таргетирани таму каде што имаме најголем ризик од најголем број од случаите. Во случајов тоа беше Драчево. Секако доколку бидат мапирани и други места и мерките таму ќе бидат преземени“, рече д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања во ИЈЗ.
На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 10 пациенти со потврдена инфекција, од кои тројца се во критична здравствена состојба.
Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручната проценка на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје–Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци.
Вонредниот третман беше спроведен во текот на ноќта во Драчево како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.













