Полициска акција за можни финансиски злоупотреби со исплаќања на Фондот за здравствено осигурување е во тек, а се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово.
Во фокусот, како што дознава Телма, е приватна болница основана со турски капитал, а меѓу лицата од интерес на истрагата е поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев.
Според неофицијални информации, штетата за државниот буџет надминува 1 и пол милион евра, додека противправно стекнатата имотна корист за приватната болница се проценува на околу четири милиони евра.
Се проверуваат сомнежите дека одредени здравствени услуги на пациентите им биле наплаќани по два пати. Услугата се наплаќала и од Фондот за здравствено осигурување и од самите пациенти по приватни цени.
- МВР: „Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста.“
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека тој додека раководеше со ФЗО бил иницијатор да се проверат исплатите кон очната болница за здрваствените услуги кои се наплаќале по неколку пати. Наложил и да се раскине договорот на ФЗО со здравствената установа.
Колку лица и кој се е опфатен во акцијата засега не е познато, освен името на Дончев, но се проверува работата и на поранешни вработени во ФЗО и на одговорни лица од приватната болница. Не е познато колку пациенти ни кои се лекувале во приватната болница се оштетени. Истрагата опфаќа сомнежи за неколку кривични дела како измама, перење пари и злоупотреба на службената положба.
Марија Митевска













