Злоупотреби со исплаќања на Фондот за здравствено осигурување на приватна болница се проверуваат од МВР и обвинителството за гонење на органзииран криминал и корупција. Се вршеа претреси на неколку локации во Скопје, Тетово и Куманово. Приватната болница е со турски капитал, како што дознава Телма, а меѓу лицата од интерес на истрагата е поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека истрагата која трае повеќе од една година ја иницирал тој додека раководеше со фондот. Според него, двојно им се наплаќало на пациентите, односно се земани пари од фондот за здравствена услуга со која приватната болница имала договор, а потоа им било наплаќано и на пациентите под различни изговори. Опфатени со истрагата засега се тројца вработени во ФЗО и двајца од приватната болница.
„Дај јас бев иницијатор на истрагата, бидејќи станува збор за здравствена установа која имаше повторувачки прекршоци со години. Значи не еднаш, двапати, трипати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не била соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци, и таа прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост“, изјави Клековски.
Какви здравствени услуги конкретно биле наплаќани од ФЗО, и од самите пациенти по приватни цени не е познато. Се уште не се знае ни колку пациенти кои се лекувале во приватната болница се оштетени. Според неофицијални информации, штетата за државниот буџет надминува 1 и пол милион евра, додека противправно стекнатата имотна корист за приватната болница се проценува на околу четири милиони евра.
„Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста, велат од МВР.
Истрагата опфаќа сомнежи за неколку кривични дела како измама, перење пари и злоупотреба на службената положба.
Марија Митевска













