Универзитетите во земјава ги отвораат вратите за упис на нови студенти за академската 2024-2025 година. На штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ традиционално идните бруцоши најголем интерес имаат за Факултетот за медицински науки. Иако се предвидени околу 3.900 слободни места на 12 факултети и трите академии, оваа бројка како и на останатите Универзитет не се пополнува. Универзитетот „Гоце Делчев“ е најдигитализираниот во земјава, па кандидатите претходно по електронски пат се пријавуваа, а од денеска ги носат потребните документи за упис.
Проблемот со иселувањето се рефлектира и во високотообразование, па Универзитетите за да привлечат поголем број на студенти на сите факултети и академии имаат и поволности за студирање. На Универзитетот „Гоце Делчев“ на сите факултети и академии најдобро рангираните се ослободуваат од партиципација.
Бруцошите и студентите на Филолошкиот факултет во Штип се ослободени од партиципација, со цел да се намали и недостигот на професори по македонски јазик низ основните и средни училишта. Академската година на сите државни универзитети почнува во октомври.
Викторија Јованова













