Почна првиот уписен рок на студенти во прва година на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип за академската 2026/2027 година. Уписот трае до 21 август, а кандидатите имаат можност да изберат една од 47 акредитирани студиски програми на 12 факултети и три академии.
За новата академска година на УГД се предвидени вкупно 3.341 слободно место. Од нив, 1.629 се наменети за редовни студенти, додека останатите места се за вонредни студенти и студенти со кофинансирање.
Проректорот за настава на УГД, Сашо Коцевски, информира дека во изминатите денови до Универзитетот пристигнале околу 1.000 електронски пријави.
„Самиот процес на аплицирање се одвива во две фази. Имено, кандидатите прво поднесуваат електронска апликација преку нашиот систем за електронски уписи, а потоа во вториот чекор ги носат своите документи во физичка форма и ги доставуваат на едно од уписните места на универзитетот коишто се лоцирани во Штип на Правниот факултет, имаме уписно место во Струмица, во Гевгелија, во Кавадарци и во Скопје“, вели Коцевски.
Тој истакна дека стандардно, најмногу интерес има за запишување на Факултетот за медицински науки.
„Имаме голем интерес и за општествените науки, пред сè за Економскиот и за Правниот факултет, за Факултетот за туризам и бизнис логистика итн. Но интерес имаме и за техничките науки. Тука имаме најголем интерес за Факултетот за информатика, Факултетот за природни и технички науки, Земјоделскиот“, рече Коцевски.
Тој додаде дека за оние кандидати коишто нема да стигнат да аплицираат од било какви причини во првиот уписен рок, Универзитетот Гоце Делчев во Штип организира и втор и трет уписен рок.
Вториот уписен рок ќе биде на 3 и 4 септември, а третиот уписен рок ќе се спроведе на 16 и 17 септември.
„За овој прв уписен рок, откако кандидатите ќе ги достават во физичка форма своите документи, а тоа треба да го направат до петок, 21 август, комисијата ќе направи нивна проверка и прегледување на нивните документи. На 26 август ќе се истакнат прелиминарните резултати. Оние кандидати кои што сметаат дека треба да поднесат приговори, тоа може да го направат на 27 август, а на 31 август Универзитетот ќе ги објави конечните ранг-листи и ќе ги направи решенијата за прием. Самиот упис на кандидатите ќе се врши од 1 до 3 септември оваа година“, посочи Коцевски.













