Шеста жртва на западнонилска треска. Седумдесет и двегодишен маж од Аеродром почина, откако две недели се лекувал на Клиниката за инфективни болести во Скопје со тешка клиничка слика.
Болеста повторно го зема својот најтежок данок кај повозрасните. На клиниката се хоспитализирани 18 пациенти, меѓу нив и најмладиот 26-годишен пациент кој е во добра здравствена состојба. Но, кај петмина пациенти состојбата е сериозна. Тие се на одделот за интензивна нега со тешка клиничка слика и сите се повозрасни лица.
„Вчера во попладневните часови почина уште еден пациент. Се работи за 71-годишен пациент кој беше хоспитализиран пред 15 дена на клиникава во изразито тешка состојба со тешка клиничка слика и покрај сите превземени мерки во одделот за интензивно лекување во вчерашните попладневни часови настапи летален исход“, изјави Фадил Цана, директор на Инфективна клиника Скопје.
Мртов гавран заразен со вирусот е пронајден во паркот кај општинската зграда во Ресен. Ова го утврдила Агенцијата за храна и ветеринарство. Во тој град нема пријавени со западнонилска треска, но до матичните лекари и општинската власт министерството за здравство ќе достави упатство со мерки за претпазливост.
„Многу врсти птици се засегнати од вирусот. Гавранот е една од врстите која е засегната и може да биде умртвена од вирусот и генерално е стационарна птица, значи не е птица преселница и пронаоѓањето на мртов гавран може да укаже и показател е на локална циркулација на вирусот на западнонилска треска“, рече Сашо Клековски, министер за здравство.
Агенцијата за храна и ветеринарство најавува засилени контроли за навремено откривање на евентуално присуство на вирусот на западнонилска треска. Ќе се тестираат домашни и диви птици, а под лупа ќе бидат и селските стопанства. Апелираат до граѓаните ако забележат поголем број угинати птици на исто подрачје, случајот веднаш да го пријават.
„Во период од 24.08.2026 до 27.08.2026 пристигнати се повеќе од 100 пријави од граѓани. Дел од пријавите се однесуваат на угинати птици, како што се врапчиња и други видови, кои не се соодветни за испитување за Западнонилска треска. Поради тоа, не секоја пријава може да резултира со земање примерок и лабораториско испитување. Од тестираните примероци, досега се добиени два позитивни лабораториски резултата, еден кај угината птица пронајдена на подрачјето на Скопје и еден кај птица пронајдена на подрачјето на Ресен“, соопшти АХВ.
Во државата има 50 пациенти заразени од западнонилска треска. Најголем дел од нив се во главниот град, а има и по еден случај во општините Долнени, Куманово, Арачиново и Велес. На мапата која ја објави министерството за здравство се прикажани 34 потенцијални легла на комарци во девет засегнати општини. Највисок ризик од убод на комарец има покрај реки, езера, атмосферски и одводни канали, гробишта, депонии, септички јами.
Симона Петровска
Б.С.













