Физибилити студија за изградба на административно-комерцијален објект за Општина Тетово со приватен партнер е причина за тензии во Советот на Општина Тетово. Опозицијата бара да не се расправа поради штета на јавниот интерес.
Проблематичната студија предвидува нови згради да се направат каде што сега е објектот на противпожарната единица во Тетово. Иако е предвидено општината да добие 60%, голем дел треба да се плати со парите на граѓаните.
„Според математиката во физибилити студијата општината на почеток има право на 15%, од тие 60 % и другите 45%, треба да ги купи од инвеститорот за сума од 7,7 милиони евра, што треба да ги плати во рок од 5 години. Мислам дека е крајно неприфатливо јавен простор што е на граѓаните на Тетово да се остави на инвеститорот, да прави што сака, изјави Агрон Арифи, „Подобро за Тетово“
Според градоначалникот Касами оваа студија дава предлог- решенија како би се решил просторниот проблем со општинската администрација и јавните претријатија. Пожарната би останала и би имала подобри услови, тврди тој.
-Денес ја отвораме дебатата, ќе продолжиме понатаму, се додека не ја исцрпиме, ние нема што да криеме, ние сме заинтересирани до крај да дебатираме затоа што цениме дека е еден од најголеми проекти за Тетово покрај другите милионски проекти, изјава Биљал Касами, градоначалник на Тетово
Во март годинава, до зградата на Општина Тетово почна да се гради уште еден објект за општинската администрација, на три ката за што треба да се потрошат 1,5 милиони евра.
Александар Самарџиев













