Тројца малолетници се повредени, од кои еден потешко кога во нив удрил автомобил „бмв“ управуван од 42-годишниот Д.С. од Тетово.
Несреќата се случила на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во Тетово, околу 22:20 часот, кога возачот удрил во тројцата 16-годишници по што избегал од местото на несреќата.
Полицијата набргу го пронашла и го лишила од слобода, а алкотестот покажал 2,22 промили алкохол во крвта. При прегледот на возилото биле пронајдени и три пакувања со марихуана.
Во несреќата, еден од малолетниците се здобил со тешки телесни повреди, додека другите двајца биле полесно повредени.
Истото деноноќие се случила и друга сообраќајна несреќа во тетовското село Пирок, во која тројца сопатници се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две лица, меѓу кои и возачот, биле повредени.
Несреќата била пријавена на 24 октомври во 04:10 часот. Деветнаесетгодишниот Д.М. од Пирок, управувајќи автомобил „фолксваген поло“, удрил во бетонски столб од куќа и во излог на објект во сопственост на 45-годишниот Ф.Ш. од селото.
При полициските проверки било утврдено дека 19-годишникот немал возачка дозвола, а алкотестот покажал 1,29 промили алкохол во крвта. Тој бил лишен од слобода.
Увид на двете места извршиле екипи на СВР Тетово. По целосното документирање на случаите, против двајцата возачи ќе бидат поднесени соодветни пријави.













