Новозаболените од западнонилска треска се од Скопје – од општините Кисела Вода, Гази Баба, Илинден, Бутел и Аеродром. Новозаболените лица се на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани. Досега во државата се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Првиот случај бил пријавен на 15 мај 2026 година во Велес.
Се зголемува бројот на потврдени случаи со западнонилска треска. Во моментов на Универзитетската клиника за инфективни болести се хоспитализирани 15 пациенти со лабораториски потврдена инфекција со вирусот Западен Нил.
- Не се работи за нови пациенти, туку тие сомнителни клинички случаи после дополнителни иследувања кај пет од нив ни стигна лабораториска потврда за невроинвазивна форма на инфекција со вирусот Западен Нил. Од сите тие 15 во тек е уште разработка на уште еден пациент. Тоа значи дека со него ќе бидат 16, затоа што најверојатно и тој ќе биде позитивен, така што ќе бидат 16 пациенти со лабораториски потврдена инфекција со вирусот Западен Нил – д-р Фадил Цана, директор на Универзитетска клиника за инфективни болести.
Тројца пациенти и понатаму се во тешка клиничка состојба со развиена невроинвазивна форма на болеста и се лекуваат на Одделот за интензивна нега, додека останатите пациенти се во стабилна состојба и кај нив продолжува лекувањето. Сите се над 60 години, со коморбидитети и од Скопје.
Граѓаните треба да бидат внимателни и информирани, но не и да се крева паника, вели доктор Цана. Важно е да ги знаат симптомите главоболка, покачена температура, замор и општа слабоста и да консултираат лекар.
Во меѓувреме во Србија се регистрирани првите два случаи на западнонилска треска за оваа година. Заболените се жители на Белград на 75 и 82 годишна возраст. Двајцата се хоспитализирани на Клиниката за инфективни и тропски болести во Белград поради развој на невроинвазивна форма на болеста.
Нина Стефанова
Б.С.













