Вкупно 15 пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 18 часот од кои пет сè уште се активни, а 10 се изгаснати, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во Општина Василево, меѓу селата Доброшинци и Василево, каде гори сува трева, стрништа и дива депонија, во Општина Кичево, во атарот на селото Зајас, каде е зафатено стрниште, како и во Општина Кавадарци, помеѓу селата Раец и Ќесендре, каде гори нискостеблеста шума и сува трева.
Активен е пожарот и во селото Теарце, Општина Теарце, каде се зафатени нива, стрништа и сува трева, како и пожарот во месноста Тризла Теке кај Прилеп, каде гори депонија. Според ЦУК, пожарот кај Прилеп се шири во три правци, кон Маркови Кули, кон превојот кај црквата „Богородица“ и кон Три Багреми.
Во меѓувреме, изгаснати се 10 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во општините Бутел, Шуто Оризари, Битола, Велес, Брвеница, Куманово, Старо Нагоричане, Липково и Македонски Брод.
Од ЦУКЈ апелираат до граѓаните да бидат внимателни и одговорно да се однесуваат при движење и престој на отворено, со цел да се спречи појава на нови пожари.













