Сопственици на земјиште во местото Стенковец, Општина Чаир, обвинуваат дека државата започнала насилна експропријација на нивниот приватен имот, испраќајќи тешка градежна механизација и геометри на терен.

Тие тврдат дека постапката се спроведува и покрај тоа што веќе повеле управни спорови пред Управниот суд и дека за случајот е отворена постапка пред Меѓународниот независен механизам за одговорност на проекти.
Според нив, станува збор за земјиште на стратешка локација на која се поврзуваат меѓународните коридори 8 и 10, чија пазарна вредност, како што наведуваат, се движи од 130 до 180 евра за квадратен метар. Наспроти тоа, државата им нуди надомест од 1.200 денари, односно околу 20 евра за квадрат.
Сопствениците обвинуваат и за сериозни неправилности во постапката, тврдејќи дека Управата за имотно-правни работи – Подрачно одделение Чаир користела одлука од 2014 година за утврдување на цената, како и спорни СВИФТ-трансакции со прикриени или избришани датуми, со цел да се утврди пониска вредност на земјиштето.
Дополнително, според нив, не се предвидува надомест за заштитниот појас и енклавите, а преостанатите парцели ќе останат без пристапен пат и практично неупотребливи.

Одборот на 53 оштетени сопственици веќе повел управни спорови пред Управниот суд, а случајот е пријавен и пред IPAM, механизмот за одговорност на меѓународните финансиски институции.
Тие реагираат и на одлуката на МВР да не го дозволи најавениот протест, повикувајќи се на член 2-а, при што, како што тврдат, им било укажано дека учесниците може да се соочат со парични казни од 500 евра и кривични пријави.
Сопствениците нагласуваат дека не се против изградбата на државните коридори, но бараат правична процена и надомест за одземениот имот. За утре, сабота, најавуваат собир на терен во Стенковец.













