„Патека на бесконечноста за 63 ангели“ меморијал за трајно одбележување на жртвите во кочанскиот „Пулс“. Споменик кој и по речиси две години од трагедијата сè уште не е изграден.
Во пожарот на 16 март 2025 година, Томче Стојанов го изгуби својот син Андреј, Драги Стојанов својот син единец Томче, Александар Наунов ја изгуби својата прва рожба Надица. Тројцата, заедно со останатите родители на загинатите млади луѓе имаат за цел да ја видат правдата за смртта на нивните деца. Но, тие исто така сакаат да го видат изграден меморијалот „Патека на бесконечноста“, кој ќе сведочи за животите, успесите и соништата на 63-те ангели. Зафаќа површина од 1.035 квадратни метри и се наоѓа помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“. Кочанчани оваа локација ја знаат како Стариот парк.
Пешачката патека е во форма на бесконечност (∞), „лежечка осумка“. Додека чекорите, ќе почувствувате дека патеката нема почеток и крај – исто како љубовта и споменот. Ќе има седум мермерни плочи на кои ќе бидат напишани имињата и презимињата на 63-те млади луѓе. Секоја плоча носи девет имиња и презимиња со година на раѓање. Зеленилото ќе се задржи, а дрвјата ќе даваат сенка за посетителите. Фонтаната со Богородица ќе биде место за молитва, солза и утеха.
„Спомен-обележјето ќе биде фонтана со три метри висока статуа на Мајка Богородица, а во крајниот дел ќе има патека на бесконечноста со спомен-плочи на децата, на кои ќе бидат испишани нивните имиња. Ќе има место за поклонување и оставање цвеќе во чест на децата. и ќе има за секое дете баркод за да се види неговото минато што е завршило и за секое дете ќе има посебно за неговиот живот кој бил на земјата и ќе има за сите деца“, рече Александар Наунов родител на Надица Наунова.
Изградбата на спомен-обележјето за 63 жртви е во фаза на изготовка на документација. Претходно, во јануари годинава, советниците во Советот на општина Кочани ја донесоа одлуката за изградба на меморијалот „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“. Со одлуката се дефинира изградбата на споменикот, кој не е предвиден со урбанистичката планска документација. Осум месеци по одлуката, документацијата е во завршна фаза.
„Идејниот проект е при крај. Тоа е исто, можеме да се заблагодариме за донацијата од хумани луѓе, како фирмата „Деликатес“ и уште една фирма.Макотрпно работат бидејќи има многу фази, : машинско, електро, статика, сè. А бидејќи бара многу време за изведба мораше да се почека за да биде сè идеално и да се даде позитивно мислење од општината. Тие ќе ги средат сите документи за кратко време и да се надеваме дека наскоро ќе има и понуда од изведувачи на спомен-обележјето кое ќе биде поставено во овој дел централен во Кочани. Зошто толку време се чекаше? Па, бидејќи сè е донација, сега за сега немаме официјално од државата и од Општината дека они ќе ни помогнат“ додава тој.
„ Ова спомен обележје ќе биде во знак на сеќавање на нивната младост, на нивната неостварена желба за живот кој требаше да биде професионален во работа, семеен во брак и да имаат потомство на нашите генерации. Тоа го немаме веќе, тоа ни е одземено и затоа, со ова спомен обележје, нека имаат и нашите идни генерации, како и сите добронамерни луѓе во Кочани и пошироко, можност да се сеќаваат на овие млади животи што завршија трагично“, рече Томче Стојанов родител на Александар Стојанов.
Животот тече како река, но не е ист за родителите кои ги изгубија своите чеда во огнените јазици и отровниот чад во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година.
Дали добивате помош од психолози?
Да, имаме психолошка поддршка од Малинска. Малинска доаѓа секоја среда во нашето здружение, кое располага со простор благодарение на Благој Механџиски, Неговата помош е од големо значење за нас како родители и како луѓе, и сме му многу благодарни и психолошката поддршка ќе остане до крај, бидејќи ни е многу потребна до крајот на разрешницата, а мислам дека ќе биде и понатаму.
Викторија Јованова













