Шверцале цигари, но и лекови и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата во форма на таблети, гелови, пасти, мед и чоколади. Обвинителството отвори истрага против 8 лица, а до докази дошло преку мобилниот телефон на првоосомничениот одземен во јануари годинава. При претресот во неговиот дом во две метални сеф-каси скриени во спуштен плафон во неговиот дом биле пронајдени 86.200 евра и 16 плочки со златна боја. Во неговото возило дополнително биле пронајдени 6.465 евра и 62.000 денари. Шверцот на цигари траел од 2024 до 2026 година.
„Во криумчарењето му помагале повеќе осомничени, меѓу кои и царински службеник кој го информирал за своите смени, лентата на која бил распореден и за засилените царински контроли, овозможувајќи непречено пренесување на стоката. Криумчарените цигари потоа биле пуштани во промет без акцизни марки, а дел од осомничените ги купувале и препродавале иако знаеле дека потекнуваат од криумчарење.“, соопштија од ОЈО ГОКК
Неовластено осомничените увезувале, складирале и нуделе на продажба лекови, како и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата.
„При претресите биле пронајдени поголеми количини препарати наменети за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини. Пронајдени се и „KAMAGRA oral jelly“, кој се издава со лекарски рецепт, како и други производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата во форма на таблети, гелови, пасти, мед и чоколади.“, информираа од ОЈО ГОКК.
Првоосомничениот му ветил и пари на царинскиот службеник кој работел на граничниот премин Богородица за да пропушта возило без контрола. Парите од поткупот на службеникот му ги предал турски државјанин кој е исто така се гони во случајот.
При претресите кај останатите осомничени биле пронајдени и одземени цигари и други стоки за кои постои сомнение дека потекнуваат од криумчарење. МВР откри дека првоосомничениот е од Тетово, како и уште еден во случајот, а останатите се од Скопје, Гевгелија и двајца од Турција. Кај првоосомничениот и во јануари при првата акција биле пронајдени количини цигари, како и 30.000 канадски долари, 35.000 австралиски долари, 12.950 евра и 69.000 денари.













