Сѐ уште не се знае колку од лицата кои работат како волонтери во Клиничката болница во Битола ќе бидат вработени. До Министерството за финансии е доставено ново барање за согласност, но колкумина од нив ќе добијат работа ќе зависи од финансиската состојба на болницата.
Станува збор за медицински и немедицински персонал кои веќе осум месеци работат без никаков надомест. До крајот на минатата година тие работеа со договор на дело, но не беше добиена согласност за нивно вработување.
Министерот за здравство, Сашо Клековски потврди дека постапката е повторена.
„Во разговор со Клиничката болница побарав да го констатираат пресекот и да поднесат ново барање. Мислам дека тоа е изготвено и поднесено до Министерството и ќе го следиме понатаму. Тоа зависи од финансиски средства во Болницата. Но мојот став е многу едноставен. Во земјата не треба да има договори на дело, тие треба да бидат само за дело или привремени работи, но не и замена за работен однос“, рече Клековски.
Прашањето за нивниот статус беше отворено пред дваесетина дена, за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски и министерот Клековски на Клиничката болница во Битола, кога граѓанин пријде и пред камерите праша што ќе се случи со волонтерите кои со месеци работат без надомест.
„Сакав да прашам што ќе биде со вработените кои работат со волонтерски договор во Клиничката болница Битола, без никаков надомест“, праша граѓанинот.
„Еве ќе ви одговорат, и министерот и директорката се тука“, рече Мицкоски.
Клековски тога вети дека ќе го разгледа случајот. Дваесетина дена подоцна е доставено ново барање, но останува неизвесно колкумина ќе добијат редовен работен однос, во време кога македонското здравство се соочува со недостиг од медицински кадар и се повеќе здравствени работници заминуваат во странство.
Емилија Мисирлиевски













