Високите температури кои следат, топлотниот бран, бујната вегетација, ниската влажност и променливиот ветер се исклучително висок ризик за појава на пожари на отворен простор и шумски пожари. Вклучен е алармот и граѓаните мора да бидат внимателни, порача првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Доволна е само една искра за катастрофален пожар. Со апел до граѓаните да бидат внимателни за сите ризични ситуации. Во текот на јули во просек се справувале со 15-тина пожари на дневно ниво. Речиси секој ден во употреба се три функционални „Ер трактори“.
„Како држава за првпат благовремено прогласивме кризна состојба уште на 1 јули. Тоа е една од причините зошто имавме помал број на пожари. Не случајно минататиот пат имавме помал број на пожари, но во суштина ние далеку бевме од мал број на пожари. Да напоменам дека пред појавата на топлотниот бран, два БТР и четири пинцгауери се распоредени во Штип, се наоѓааат во пожарната во Штип. Два БТР и четири пинцгауери се наоѓаат и во касарната во Прилеп, како најсоодветно место за нивно згрижување. Тие се подготвени за западниот дел на државата, овие за источниот“, рече Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Кооперативноста на институциите е многу важна. Во моментов на располагање се околу 900 професионално вработени пожарникари низ државата. Во рамки на Дирекцијата е формирана нова единица.
„Кога овие луѓе ќе дејствуваат со специјалните возила на дирекцијата ќе ги нарекуваме „Огнени тимови на дирекцијата“. Овие огнени тимови вообичаено ќе бидат составени од посада од две или три лица, еден возач еден помошник возач и еден оператор на пумпа, значи две или три лица еден огнен тим на дирекцијата“, рече Стојанче Ангелов, директор на Дирекција за заштита и спасување.
Годинава фокусот беше ставен на доброволното пожарникарство и радува фактот дека се пријавија 250 доброволци, вели Ангелов. Дел од нив беа членови на тимовите за брз одговор на дирекцијата.
Нина Стефанова













