Од посредник за вработување во пожарна, заврши како притвореник. Возачот на генералниот секретар на Владаta, Игор Јанушев од вчера одлежува 30-дневен притвор, откако е фатен со поткуп. Човек, кој сакал да стане пожарникар, го пријавил во полиција дека му бара 1.500 евра. Бил распишан оглас за пожарникари во скопската пожарна, а шоферот вработен во Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) му рекол дека ќе ги искористи своите врски во Град Скопје и ќе му помогне да се вработи. Но, полицијата и обвинителството ги одбележале банкнотите од вкупно 500 евра како првичен поткуп и тој бил фатен на дело.
„По пријавувањето, надлежните органи, во координација со предметниот обвинител, презедоа дејствија за обезбедување докази. На 4 септември 2026 година, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од побараната награда од 1.500 евра, кои претходно биле обележани“, соопшти Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)
Настанот се случил пред два дена, кога обвинителството ги обезбедило доказите и побарало притвор, бидејќи смета дека тој може да избега, да влијае врз сведоци или да го повтори кривичното дело. Кривичниот суд во Скопје му одредил притвор, а по неговото влегување во затворот во Шуто Оризари и протекувањето на неофицијални информации, институциите го објавија настанот.
Послениот оглас за прием на пожарникари, кој може да се најде на интернет, е распишан на 16 јули од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а требало да бидат примени 12 пожарникари за плата од 54.700 денари. Тој траел до 1 август, а според обвинителството времето во кое возачот ги барал парите не е точно лоцирано, туку велат дека е во периодот од 24 јули до 4 септември. Од Градот нема известување дали изборот е завршен.
Потврда за коруптивното однесување на возачот на Јанушев дојде и од институцијата каде тој е прв човек. Од генералниот секретаријат велат дека акцијата е дел од заложбите на владата за бескомпромисна борба против корупцијата.
„Со овој случај се покажува дека законите важат за сите, се докажува волјата и целта на Владата да се бори против корупцијата“, соопштија од Генералниот секретаријат на Владата.
Генералниот секретаријат и СОЗР се двете владини институции кои одамна се во центарот на корупциски скандали. Неколкумина генерални секретари седнаа на обвинителна клупа, како што се Кирил Божиновсаки од времето на ВМРО-ДПМНЕ и Мухамет Зекири и Драги Рашковски од времето на СДСМ.
Тројца поранешни директори на СОЗР, Пеце Мирчевски, Васе Доневски и Методија Димовски, исто така, се под истрага или обвинети за злоупотреби. Последниот случај е со возач на генсекот Јанушев кој сега се гони за „Примање награда за противзаконито влијание“, а обвинителстовто ги охрабрува граѓаните да пријавуваат кјога ќе се соочат со коруптивни понуди.
Билјана Николовска Тодорова













