Повеќето приказни за успех започнуваат со наградите. Оваа не. Оваа почнува во еден училишен двор, во Струмица. Во време кога никој не можел да знае дека едно љубопитно девојче ќе стане инженерка чие име ќе се најде меѓу највлијателните жени инженери во светот. Но, ако внимателно ги слушате луѓето кои навистина оставиле трага, ќе забележите дека тие речиси никогаш не почнуваат од своите успеси. Секогаш почнуваат од детството.
Детството ретко ни покажува што ќе станеме. Но, речиси, секогаш открива какви луѓе ќе бидеме. Постојат учители кои предаваат лекции и такви што незабележливо го менуваат животот на едно дете. А таа промена речиси никогаш не се случува со големи зборови, туку со доверба, охрабрување и чувство дека вреди да се обидеш.
Денес инженерството најчесто го поврзуваме со технологија. компјутери, формули, сложени системи. Но, инженерството честопати се буди уште во детето. Тоа почнува во моментот кога детето ќе посака само да направи нешто. Да расклопи, состави и да провери дали може поинаку. Во тие мали обиди веќе се крие начинот на размислување што подоцна создава мостови, електрани, болници и цели градови.
Во многу средини децата растат со туѓите очекувања. Што треба да бидат. Што не треба да изберат. Што „не е за нив“. Љупка никогаш не била во такво опкружување. Во нејзиниот свет постоеле само две категории.Луѓе што сакаат да учат. И луѓе што се откажуваат.
Поддршката понекогаш не може да се измери. Не се запишува во свидетелство, ниту се добива како диплома. Но, останува со човекот многу подолго од секоја оценка. Можеби токму затоа, години подоцна, кога веќе ќе стане инженерка, Љупка повторно ќе се враќа во училиштата. Не како ученичка. Туку како некој што сака да врати дел од она што некогаш го добил.
Има места што не се запишани на туристичките карти, а човек ги носи во себе цел живот. Една улица, сокак, канал покрај кој поминува детството. Таму не се градат кариери. Таму се гради карактер.
Денес многу родители ги запишуваат децата на работилници, курсеви и активности. Некогаш најголемата школа беше улицата. Во играта се учеше да се изгуби да се победи, како да се почитуваат правилата, или да се измислат нови. И можеби токму затоа генерациите што растеа во маалото толку добро знаеја што значи заедништво.
Спомените се носталгија, но истовремено тие се и компас. Колку и да нè однесе животот далеку, секогаш постои едно место што нè потсетува кои сме биле пред светот да почне да нè мери со дипломи, функции и признанија.
Во гимназијата љубопитноста веќе добива насока. Прашањата стануваат поконкретни. Одговорите – посложени. Тука повеќе не е доволно само да сакаш да откриваш. Потребна е дисциплина. Упорност. И подготвеност да одиш чекор подалеку од другите.
Понекогаш една одлука изгледа мала. Испит, дополнителен предизвик, желба да се проверат сопствените граници. Но, токму таквите моменти ја менуваат насоката на животот. И во нив човекот сам ќе открие колку навистина може.
Во време кога оценките често стануваат цел сами по себе, лесно се заборава дека тие се само број. Знаењето е она што останува кога ќе се затворат учебниците. И токму таа разлика ќе стане едно од уверувањата што Љупка подоцна ќе го повторува пред илјадници ученици.
Речиси секој млад човек што заминува од дома носи две торби. Во едната се алиштата. Во другата – стравовите. Љубљана за Љупка не била само нов град, но и почеток на живот во кој повеќе никој нема да ја познава. Сè што ќе постигне, ќе мора повторно да го изгради. Од почеток.
На Универзитетот во Љубљана стекнува диплома и магистерски студии по машинство. Подоцна ја завршува и меѓународната програма EUREM за европски енергетски менаџери. Но повеќе од дипломите, од Словенија ќе понесе едно уверување – дека образованието не е натпревар меѓу студентите, туку партнерство меѓу професорите и младите луѓе.
Работата на инженерот најчесто останува невидлива. Никој не размислува кој го проектирал системот за прочистување на воздухот што го дише во училницата. Ниту кој пресметал колку топлина е потребна за една болница во јануари. Ниту кој одлучил колку енергија ќе троши една градинка во следните триесет години. Но токму таму, зад ѕидовите, меѓу цевките, вентилите и бројките, инженерството секој ден го подобрува животот на илјадници луѓе.
Во седум години работа, Љупка Вртева учествува реконструкција и проектирање на десетици јавни објекти низ Словенија. Секој од нив е различен, но сите имаат заедничка цел. Помалку потрошена енергија, почист воздух и подобри услови за луѓето. Тоа го прави инженерството разбирливо и покажува дека неговата успешност не се мери само во заштедени киловати. Туку и во квалитетот на животот
Во 2023 година, Словенија ја избира за Инженерка на годината. Тоа признание не е награда за еден проект. Туку за начин на работа, знаењето, професионалната извонредност. Но уште повеќе – за способноста тоа знаење да го претвори во инспирација за младите. Само неколку години подоцна, нејзиното име ќе се најде меѓу жените инженери што светот треба да ги познава. За Љупка…Тоа е само уште една причина утре повторно да седне пред нов проект. За Струмица тоа е повод за гордост. За Македонија – потсетник дека талентот нема граници.
По признанието „Инженерка на годината“, нејзината работа добива нова насока. Нејзините интереси и ангажмани се прошируваат. Од инженер станува и предавач, учител. Токму таму каде што љубопитноста првпат се буди. Кај децата.
На крајот, секој човек остава нешто зад себе. Некој згради, друг книги, трет откритија. Инженерите оставаат нешто поинакво – системи што со години ќе и служат на заедницата, без луѓето воопшто да знаат кој ги создал. Можеби токму затоа нивната работа е честопати анонимна, иако е толку голема.
А кога зад тоа знаење стои човек кој не заборава од каде тргнал, кој се враќа во своето училиште, разговара со учениците и го дели своето искуство со новите генерации, тогаш успехот добива поинаква смисла. Тоа не е личен успех, туку круг што се затвора.
Од една учителка што некогаш охрабрила едно девојче да создава…до една инженерка која денес им покажува на илјадници деца дека соништата немаат пол, немаат граници и немаат мали почетоци. Секој голем пат започнува со првото скалило. Понекогаш на неколку скали пред едно основно училиште во Струмица. И со едно дете што верува дека светот секогаш може да се направи подобар.
Сузана Мицева
Репортажите на ТВ Телма се емитуваат секој работен ден од 19:15, репризите се следниот ден од 15:00.













