Артан Груби за прв пат на судењето за Лотарија дојде без полициска придружба откако минатата недела му истече законскиот рок за куќниот притвор.
Не одговори на новинарско прашање поврзано со пасошот кој бараше да му биде вратен со гаранција од 3 стана вредни 330 илјади евра но судот го одби.
Рочиштето траеше кратко. Не дојде сведок на обвинителството, вработена во Државна лотарија која вчера ги известила обвинителите дека е на службено патување.
Сметаат дека предметот е стабилен и покрај тоа што првиот сведок го прогласија за непријателски.
Истражуваат и зошто го сменил исказот. Во пријавата од МВР тој бил и осомничен и против него се водела предистражна постапка а дел од таа постапка се уште се отворена вели обвинителот Коцев.
- Од нему познати причини, реши да го промени исказот што претходно го дал пред Обвинителството. Немаме сознанија дека врз него на каков било начин било влијаено. Тој дел го истражуваме и во моментов преземаме одредени дејствија во таа насока. Не можам да откријам ништо повеќе. Против него сè уште се води предистражна постапка, бидејќи е опфатен со пријавата на МВР и во таа постапка имаше својство на осомничен. Пријавата се однесува на повеќе постапки, меѓу кои и онаа за набавката на ВЛТ-апаратите. Што се однесува до вториот сведок, тој посочи неколку клучни моменти за кои сметаме дека се важни за предметот. Иако станува збор за предмет што генерално се заснова на материјална документација како доказ, сведоците даваат одредени поврзници меѓу тие материјални докази – Даниел Коцев, обвинител во ОЈО Скопје.
Судењето за злоупотреби во Државна Лотарија продолжува утре. Груби, екс директорот на Лотарија Перпарим Бајрами екс генералниот секретар на Владата Димовски и 5-мина од надзорниот одбор се обвинети за набавката на ВЛТ терминалите со што била направена штета од 9,7 милиони евра
Елена Ивановска Мукоска













