Обвинителството поднело жалба по пресудата за предметот Талир 2 со која обвинетиот поранешен премиер и бегалец Никола Груевски беше ослободен од вина, со што се одмрзнува и имотот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кој и партиското седиште во Скопје.
Обвинителството потврди дека надлежниот обвинител вложил жалба на пресудата до Апелациониот суд во Скопје.
Предметот „Талир 2“ застарува на 31-ви август и доколку до крајот на месецот односно за 25 дена, судот не донесе правосилна одлука, целиот случај за нелегално партиско финансирање паѓа без можност за нов судски процес.
Кривичниот суд ја донесе одлуката во средината на јуни и пресудата беше ослободителна за Груевски бидејќи судот оцени дека не може да го прогласи за виновен, поради измените на Кривичниот законик изгласни во 2023-та.
Претходно истиот предмет заврши со осудителна пресуда, но одлуката беше поништена и процесот почна одново и заврши без да има пресуда за утврдена вина за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и изградба на партиско седиште со донација на фирма која претходно добивала јавни набавки од државата. Со правосилност на пресудата, партискиот имот останува на ВМРО-ДПМНЕ и се прекинува постапката за конфискација.













