Два пати во кеш во вкупна вредност од околу 40 илјади евра обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов уплатил во банка за купопродажба на стан, беше обелоденето од финансиското вештачење на денешното рочиште. Потеклото на парите не е познато, а приливи на пари Ристов и неговата сопруга претежно имале само од плати.
„Оттука да го покаже моментот дека доминантно обвинетиот и сопругата особено, како и останатите имаат приливи од извори кои се обезбедени од документите кои единствено постојат и кои не одговараат и не го оправдуваат износот за кој се гони обвинетиот“, рече обвинителката Искра Хаџи Василева
Ристов и неговата сопруга од плати од 2016 до 2024 години заработиле 617 000 евра. Додека пак неговите родители заработиле 975 000 евра, а од нив 400 000 е веќе познато дека се од продажба на земјиште за фотоволтаици со кои купиле 4 стана. Неговиот адвокат Ѕвонко Давидовиќ изјави дека потеклото на парите во кеш, како и сите финансии пред судот ќе го објасни нивниот вештак.
„Нашиот вештак ќе ги даде сите податоци од каде поттекнува кешот. Сега констатиравме дека има прилив од 617 000 евра и 975 000 евра што е преку милион и пол илјади евра. Сега ќе видиме колку кешот е легален“, рече Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на Ристов.
Во телефонот на Ристов имало и контакти од осомничени и обвинети лица како Љупчо Пецов Ѓаволот и неговиот адвокат Фехми Стафа, кој беше осуден дека бара 50 илјади евра за да посредува кај апелационен судија за укинување на притворот на неговиот клиент. Потоа поранешниот заменик директор во УЈП, Исмет Гури обвинет за даночно затајување, како и со газдата на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски и неговиот татко и Боки 13.
„Контакти и комуникации кои по наша оценка не се дозволени од страна на судија во Апелација со лица кои што и сами забележавте се водат и се воделе и активни предмети и постапки“, додаде обвинителката.
„Ги има и нормално Македонија е мала држава, но ако веќе тврди дека не требал да ги има во телефон и е сомнително што ги има треба да обезбеди докази, што тој направил со тие лица“, смета Давидовиќ.
Ристов е обвинет за прикривање на имот и перење на пари, откако 350 илјади евра беа пронајдени соѕидани во домот на неговите родители, а негова ДНК на банкнотите.
Марија Митевска













