Министерството за образование и наука објави повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година и ги повика сите студенти кои ги исполнуваат условите да се пријават.
Тие треба да се државјани на Република Северна Македонија, да се редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.
Кандидатите треба да се пријават електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и при пријавувањето да ги пополнат обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/
Рокот за пријавување за тековните студенти, како и за лицата кои ќе се запишат и ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2026/2027 година, е од 26 до 31 август 2026.
-Исто така, почнувајќи од октомври, секој 1. до 5. во месецот за секој месец од академската 2026/2027 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во овој повик – информираше денеска ресорното минстерство.
Сите студенти кои го оствариле правото на студентски оброк ќе почнат да ги примаат средствата во месецот што следува по завршувањето на месецот во кој се пријавиле за правото на студентски оброк, соопшти МОН.
Субвенционираниот студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, која студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна.
Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота.
Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во периодот од понеделник до сабота не го искористи правото на оброк, износот му е достапен на користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота.
Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови.













