Седумдесет и шестгодишен пациент хоспитализиран на Инфективната клиника, на одделот за интензивна нега е четвртиот регистриран смртен случај од западнонилска треска. Во моментов на интензивна нега се пет пациенти во тешка состојба, дел од нив на механичка вентилација.
- „Пациентот се лекуваше 27 дена на клиниката, но поради дополнителните придружни сериозни заболувања и тешката невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочните обвивки во доцните попладневни часови настапи летален исход“, информираше денеска директорот на Универзитетска клиника за инфективни болести, Фадил Цана.
На Инфективната клиника се хоспитализирани 20 пациенти и од нив 18 се лабораториски потврдени, додека два се водат како клинички суспектни. Меѓу нив е и 24-годишно момче кое живее во општина Центар. Загрижува фактот дека се намалува возрасната граница на потврдени случаи со западнонилска треска.
- „Тоа што и ние како клиничари го предвидувавме преку вчерашниот ден се потврди дека 25 годишната пациентка која се водеше како клинички суспектна се потврди невроинвазивна форма на западно нилска вирусна инфекција. Но во меѓувреме синоќа е хоспитализиран и 24 годишен пациент кој се води како суспектен случај. Во текот на денешниот или утрешниот ден ќе треба и кај него да видиме дали ќе се потврди клиничката дијагноза“, истакна д-р Цана.
Според него, сите случаи кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се невроинвазивна форма:
- „Значи тие се 1% од 100% заразените. Најтешка форма на болеста развиваат еден процент, според статистиките 1% од вкупниот број на инфицирани пациенти“, рече Цана.
Според доктор Цана важно е да се нагласи дека пациентите кои се во критична состојба се лица над 60 години и со повеќе коморбидитети. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките на надлежните институции за лична заштита, затоа што до крајот на месецов и септември се очекува пикот на вакви епидемии.
Нина Стефанова
Б.С.













