Новата Клиничка болница во Штип која се гради над една деценија е „споменик на неспособноста“, а по завршување на сите процедури се очекува градежните работи повторно да почнат наредното лето или есен соопшти денеска од Штип министерот за здравство Сашо Клековски.
Се очекува до крајот на годината да се случи договорот со Светска банка и Европската инвестициска банка, по што ќе почне тендерската постапка.
–Постои комплетна посветеност овој споменик на неспособноста да го решиме и покажеме дека Македонија може- вели Клековски.
Условите во кои што се примаат пациентите и во кои работат лекарите во болницата во Штип се лоши. Тоа мора да биде мотив за конечно да се реши прашањето со оваа болница, која опслужува над 200.000 пациенти од Источниот и Југоисточниот Регион , рече Клековски.
Според Клековски и покрај лошите услови за пациентите и лекарите кои ги имаат во старата болница, сепак анализите покажуваат дека оваа болница во споредба со Тетово и Битола ги прави најсложени здравствени услуги.
Но, и старата зграда бара реконструкција, особено по паѓањето на кровот по силното невреме.
Тендерот е завршен се чека разрешување на жалбата за надзорот.
Штипската Клиничка денеска доби нов регионален мултидисциплинарен центар за побрза дијагностика и третман на пациентките со карцином на дојка, а при денешната посета Клековски најави дека вакцините против сезонски грип се пристигнати, апликацијата „Вакцинација.мк„ ќе биде активна по отсранување на техничкиот проблем.
Викторија Јованова













