Утрово е започната голема акција против криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и медицински суплементи.
Од МВР потврдија дека во акцијата учествуваат повеќе полициски тимови и акцијата е под раководство на обвинител од Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Според досегашните информации, акцијата се спроведува во Скопје, Тетово и Гевгелија на десетина локации при што се приведени најмалку 6 лица додека трае потрага по други осомничени. Меѓу приведените е и еден припадник на царината, а МВР и Обвинителството засега не соопштуваат детали за акцијата. Од МВР само кратко соопштија дека акцијата е „насочена кон сузбивање на криминална група инволвирана во криумчарење на стоки и извршување на коруптивни кривични дела.“ Со истрагата се опфатени и дела за поткуп и повреда на права од индустриска сопственост, а постојат сомнежи за перење на пари стекнати со нелегалната трговија на медицински препарати.













