Мајката на обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов уплатила над 400 илјади евра за купување на 4 стана, а парите биле обезбедени од продажба на земјиште за поставување на фотоволтаици. Парите биле уплатени на сметката на фирмата на градежниот инвеститор Круме Апостолов, кој сведочеше дека мајката на Ристов во одреден момент побарала да и се врати дел од сумата поради доцнење на изградбата, но тоа не се случило и договорот за купопродажба се уште важи. Со тоа се побива одбраната на обвинетиот дека дел од парите од продажба на земјиштето се оние 350 илјади евра најдени во ѕидот во домот на родителите на Ристов, вели обвинителката Искра Хаџи Василева.
„Она за што обвинителството беше важно во тој контекст, бидејќи на почетокот на истрагата одеше и јавно, а беше и дел од одбраната на обвинетиот дека дел од тој износ, е токму од најдените пари во ѕидот 350 илјади евра кои биле вратени, бидејќи продажбата на становите поради админстративни процедури објективно доцнела, па таа побарала да се вратат дел од парите. Но, тоа се покажа како лага“, рече обвинителката Искра Хаџи Василева.
Ѕвонко Давидовиќ, адвокатот на Ристов изјави дека сведокот потврдил дека купопродажбата на становите не се договарала со обвинетиот и дека тоа не се негови пари.
„Сите средства кои извираат се од ѕидот на неговите и од сметката на неговите родители, а обвинителот досега не успеа да докаже дека ниту еден денар кој извира од кај него освен од неговите родители“, смета адвокатот на Ристов, Ѕвонко Давидовиќ.
На рочиштето беа презентирани и телефонски разговори од ПИ мерки со кои обвинителката сакаше да покаже дека членови на семејството на обвинети лица преку сопругата на Ристов договорале средба со обвинетиот апелационен судија за да договорат за укинување на притвор. Но, Ристов, според неговата одбрана, не ги укинал притворите на обвинетите кога стигнале на одлучување во Апелација.
„Никогаш притворите не се укинати. Преметот е завршен“, додаде Давидовиќ.
Одбраната за сведок го повикала и еден од членовите на семјеството на обвинетите лица Един Шеапи, кој го имаше и на видео снимка како се среќава со Ристов. За прикривање на имот и перење на пари е обвинет Ристов, а негова ДНК е пронајдена и на парите соѕидани во домот на неговите родители во Неготино.
Марија Митевска













