На Клиниката за инфективни болести во Скопје во моментот се хоспитализирани 21 пациент поради западно-нилска треска. Кај 18 од нив, вирусот веќе е потврден – соопшти попладнево на прес конференција министерот за здравство, Сашо Клековски.
Шестмина од хоспитализираните се на интензивно лекување.
Правејќи пресек на досегашната состојба, Клековски рече дека во државата има 53 пациенти кои прележале, имаат или се сомнителни за западно-нилска треска. Од нив, 50 се потврдени, три се сомнителни случаи.
Од овој вкупен број на 53 случаи, 52 се со невроинвазивна форма. Досега 25 се излекувани и отпуштени дома.
Во однос на преземените активности, од 14 август кога е направено последното ажурирање, досега е завршена четвртата тура на прскање против возрасни комарци во Скопје, рече ресорниот министер.
Надвор од тоа, според него, се направени шест прскања по индикации.
Бројот на заболени годинава е драстично зголемен во споредба со истиот период лани кога биле регистрирани само два случаи.
Клековски вели дека нема едноставно и единствено објаснување за ваквиот пораст, бидејќи однесувањето на вирусот е непредвидливо и не постои научно утврден образец според кој однапред може да се процени бројот на заболени.
Како една од можните причини Клековски ја посочува миграцијата на птиците, кои се главен природен резервоар на вирусот, но нагласува дека влијаат и други фактори.













