Заклучно со 18 август, според последните податоци на Институтот за јавно здравје, во земјата се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска – 36 потврдени и два веројатни, од кои 37 во Скопскиот регион, а еден од Велес, соопштија здравствените власти денеска на прес конференција.
Регистрирани се четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста. Станува збор за машки лица на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болети во Скопје. Кај три починати лица биле регистрирани коморбидитети.
Од триесет и осумте регистрирани случаи, 28 се машки, а 10 се женски.
Во изминатата недела, од 12 до 18 август, пријавени се 12 нови случаи, вклучувајќи три нови смртни исходи.
По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, се преземаат мерки за контрола на комарците, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат – ДСЗИ спроведе контрола на активности за дезинсекција во сите општини.
Кампања за СМС информирање на граѓаните
– Со цел граѓаните од засегнатите подрачја навремено да добијат совети за лична заштита од убоди на комарци, во тек е масовна СМС-кампања за информирање на населението – информираа надлежните.
Ресорниот министер, Сашо Клековски информираше дека кампањата опфаќа испраќање на вкупно околу 38.500 пораки до граѓаните во засегнатите општини.
„Вчера (18 август) испратени се 6.526 пораки – испраќањето започна во општина Петровец (1.554 пораки), а потоа продолжи во општина Гази Баба. На чекање за испраќање остануваат уште 31.365 пораки, кои постепено ќе бидат доставени до граѓаните во наредниот период. Досегашните резултати покажуваат висок степен на ангажираност, до 70 отсто од доставените пораки се прочитани од примачите и го посетиле линкот со дополнителни информации содржан во пораката, рече Клековски.
Министерот за в петок, најави состанок со надлежните за застоените води.
„Едно лице со западнонилска треска во државата е на возраст од 20 до 29 години“, потврди доктор Марија Гочевска од Институт за јавно здравје, одговарајќи на новинарско прашање.
Гочевска рече дека досега, сезонава, нема регистрирано деца со западнонилска треска.
Министерот Клековски пак, потсети да се почитуваат препораките за заштита, како што се:
• Отстранување застоена вода од дворовите (тацни од саксии, стари гуми, канти) и редовно чистење на олуци.
• Поставување заштитни мрежи на прозорци и врати.
• Избегнување престој надвор во зори и самрак, кога комарците се најактивни.
• Носење облека со долги ракави и панталони и користење репеленти.
• При појава на симптоми (висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот и сл.) веднаш да се побара лекарска помош и да се извести докторот за евентуален престој во засегнатите подрачја.













