Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини отвори јавен повик за субвенционирање на приклучок на природен гас и набавка на котел на гас.
Со мерката, како што соопшти Министерството, домаќинствата може да добијат субвенција до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас или за набавка на котел на гас.
Рокот за поднесување на барањата е 31 октомври 2026 година.
„Со оваа мерка државата не само што им помага на семејствата да ги намалат сопствените трошоци за инвестиција туку придонесува и за поголема енергетска ефикасност, користење почист енергент и подобрување на квалитетот на животната средина“, се наведува во соопштението на министерството за енергетика.
Право на финансиска поддршка имаат домаќинства кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и домаќинства што ќе набават котел на природен гас за објект што бил приклучен на системот заклучно со 1 јануари 2026 година. За едно домаќинство може да се поднесе едно барање.
За оваа мерка се обезбедени 3 милиони денари, а средствата ќе се доделуваат во согласност со условите од јавниот повик. Средствата ќе се доделуваат по принципот прв дојден – прв услужен, сè до нивно исцрпување.
Повеќе информации има на интернет-страницата на Министерството – https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-nadomestuvanje-na-del-od-trosocite-za-izvedba-na-priklucok-na-sistemot-za-distribucija-na-gas-vo-rsm-ili-za-nabavka-na-kotel-na-gas-na-izvrsen-priklucok-na-sistemot-za-distribucija-na-gas-oktomvri
По завршувањето на рокот, Комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа доставените апликации, а финансиската поддршка ќе им биде исплатена на сите корисници што ги исполнуваат пропишаните услови.













