Премиерот Христијан Мицкоски со измешани чувства по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Македонија.
Според него позитивно е што посетата може да биде клучна за придвижување на процесот со Бугарија, охрабрен е од изјавата на Фон дер Лајен дека владата испорачува реформи, но не му се допаднала пораката дека уставните измени остануваат обврска за Македонија.
„Јас средбата би ја оценил како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека можеби ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Тие процеси очекувам да почнат уште идната недела. Од друга страна не можам да кажам дека сум задоволен од пораките кои што ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на уставот“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски иако кажа дека се уште нема одговор од бугарска страна дали е прифатено барањето на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски за средба со неговата бугарска колешка, Велислава Петрова Чамова, тој сепак смета дека процес на разговори е почнат, и оти ќе треба и трпение и време да за се случи се.
Мицкоски не очекува Бугарија да ја одбие поканата за средба, велејќи дека тоа не би било паметно, но доколку се случи тоа би ги потврдило сите тези кои ги има и за кои е загрижена македонската страна.
Премиерот најави дека во ноември двапати ќе патува во Брисел и тоа за настан на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, но и да учествува на самитот ЕУ – Западен Балкан.
Тамара Грнчароска













