Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Мицкоски очекува проширување на истрагата за Гостивар – водата сè уште за техничка употреба

/

Македонија

Сподели преку :

Проширување на истрагата со загадувањето на водата во Гостивар очекува премиерот Христијан Мицкоски. За случајот засега се осомничени тројца раководители на „Комуналец“ од Гостивар кои завршија во притвор, в.д. директорката Артана Асани, техничкиот раководител на секторот за технички работи, Леон Нуредини и раководителот на одделението за водовод Вадедин Дервиши. Тие се гонат за тешки дела против животната средина и природата, сериозно кривично дело за кое запретената казна е од четири до максимална, односно до 20 години затвор.

„Имавме несовесно работење на вработени од Јавното претпријатие „Водовод“ коишто директно со цевки и пумпи вода од река префрлале во главниот резервоар. За тоа Обвинителството постапуваше и постапува и веќе имаме лица коишто се обезбедени, сослушани. Очекувам да имаме и проширување во истрагата, одговорноста е лоцирана и се преземаат мерки“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

За обвинувањата од опозицијата дека хиперхлорирањето не го прават стручни лица, Мицкоски одговори дека тоа го вршат експерти од Јавното претпријатие „Водовод“ Скопје. Секојдневно се земаат и разни примероци кои се испитуваат и според него, гостиварци за првпат во последните децении ќе користат вода за пиење којашто ќе биде бактериолошки исправна.

„Замолувам за трпение, затоа што сериозен пристап имаме и сериозно го вршиме овој процес. Јас очекувам, еве, многу скоро од денеска граѓаните да добијат, покрај вода којашто ја користат за технички потреби, и вода за готвење и за пиење“, додаде Мицкоски.

Засега водата останува само за техничка употреба. Тоа е ставот на АХВ од каде додаваат дека постојано се земаат примероци за испитување, а тоа се прави и денеска и утре во соработка со ИЈЗ. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов вели дека за жал резултатите од анализите на гостиварската вода покажуваат дека сè уште има присуство на бактерија.

„Ја нема онаа најлошата бактерија, ги нема фекалните бактерии. Има друг тип на побезопасна бактерија би рекол, но сè уште водата не е употреблива за пиење и затоа апелирам до гостиварци водата да ја користат само како техничка вода за сите домашни потреби, но не и за пиење“, изјави Ангелов.

Од Министерството за здравство информираат дека состојбата со епидемијата е стабилна и вчера се регистрирани 60 први прегледи. Иако е забележано дневно зголемување, според министерството, вкупниот тренд останува значително понизок во споредба со пикот од 18 јули, кога беа евидентирани 649 прегледи. Од 14 до 31 јули се регистрирани вкупно 4.543 први прегледи.

Марија Митевска

Jumbo 2