Нашата влада, за разлика од сите влади во Европа, најмалку зафаќа во делот на ДДВ и акцизите и затоа денеска граѓаните имаат најниски цени во Европа, кога станува збор за дизел горивото и безоловниот бензин, порача премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Чешиново-Облешево.
„Веќе имаме држави во Европа каде што дизел горивото и безоловниот се продаваат за над три евра, 3,2, 3,3, па дури и 3,5 евра по литар, а кај нас и дизел горивото и безоловниот 95-октански се под 1,6 евра за литар и најниска цена во Европа. И ние ќе продолжиме со таа политика. Сложена е состојбата, за жал, во светот. Честопати знам да кажам дека се наоѓаме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети и се наоѓаме на линијата на фронто, на невидливата, би рекол и тивка, условно кажано, Трета светска војна. Сега засега се справуваме одлично, до крајот на годината сме со апсолутно обезбедени количини на сите видови на горива“, изјави Мицкоски.
Тој додаде оти не очекува поголеми турбуленции и во наредната година, но она што го очекува, како што рече, се предизвици.
„Нафтоводот што го поврзува солунското пристаниште со нашата рафинерија е под притисок и наполнет. Ќе има доволни количини на гориво за македонските граѓани. И не само за македонските граѓани, бидејжи имаме најниска цена за горивата, граѓаните од соседните земји доаѓаат, полнат кај нас, со што двојно се зголеми конзумот на дизел, посебно во пограничните места“, истакна Мицкоски и истакна дека продолжуваат преговорите со ОКТА за дополнителен попуст.
Мицкоски ги нарече информациите за нивелирање на цената за електрична енергија до крајот на годината како шпекулации и рече дека такво нешто ќе нема.
„Останува истата цена откако сме како Влада избрани“, потенцира Мицкоски.
С.Д.













