Предизборна естрада во пресрет на претседателските избори кои се одржуваат в недела се изјавите на бугарски политичари во случајот со Ива Михаилова, која избега во Бугарија, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Бугарскиот амбасадор во земјава претходно имплицира дека Македонија ја пуштила Михаилова да избега, а министерот за внатрешни работи Иван Дермеџиев ги нарече македонските власти српски, па се исправи дека згрешил, но оти тоа не е толку голема грешка. Министерството за надворешни работи остро реагираше на изјавите и предупреди на можни мерки против амбасадорот поради мешање во внатрешните работи на Македонија. Мицкоски вели нивните изјави да се игнорираат.
„Имам што да одговорам, но мислам дека поединци не заслужуваат да бидат во центарот на вниманието и мислам дека ваков тип на естрада којашто денеска ја гледаме таму, а којашто е поврзана со фолклорот за нивните претседателски избори не заслужува коментар. Мислам дека и вие како медиуми треба да ги игнорирате ваквите изјави на поединци“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Бугарските власти тврдат дека на Михаилова не ѝ било овозможено лекување во Македонија и затоа морало да избега. По посетата на Бугарија, министерот за здравство Сашо Клековски вели дека не разговарал за здравствената состојба на Михаилова со неговата бугарска колешка.
„Во основа, постигнавме премолчена согласност дека прашањето на Ива Михаилова не е здравствено прашање, туку прашање од областа на правдата, бидејќи лицето е бегалец од правдата и се бара со меѓународна потерница. Бидејќи тоа е прашање на правдата, а не здравствено прашање, не го разгледувавме“, рече Сашо Клековски, министер за здравство.
Кочанчанката Михаилова, која има и бугарско државјанство, е обвинета за сообраќајна несреќа од минатата година, во која има еден загинат. Бугарските власти не планираат да ја екстрадираат.
Срѓан Стојанчев













